1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И второ отпишување на долговите на Грција?

Андреас Бекер / Зоран Јордановски6 април 2012

Инвеститорите остануваат скептични и по отпишувањето на дел од долговите на Грција. Многумина сметаат дека ќе уследи уште еден таков чекор. Но, тогаш товарот би паднал врз граѓаните.

https://p.dw.com/p/14XOb
Фотографија: dapd

На почетокот на март Грција и приватните инвеститори - банки, осигурувачки друштва и фондови - постигнаа согласност за отпишување на дел од грчките долгови. Но, многумина од светот на финансиите не веруваат дека со тоа се решени проблемите со големиот државен долг на Грција. „Пимко“, друштво за управување со инвестициони фондови, со седиште во Калифорнија, САД, чиј мнозински сопственик е германскиот концерн „Минхнер Алијанц“, навреме се ослободи од грчките државни обврзници. „Тоа го сторивме уште на почетокот на 2010. година“, вели Ендрју Басомворт, раководител на Одделот за хартии од вредност во „Пимко Германија“. „Пимко“ поседува акции во вредност од околу илјада милијарди американски долари и е еден од најголемите светски инвеститори во сегментот на обврзници.

Symbolbild Geld Euro Portemonnaie
Фотографија: dapd

Ќе има и второ отпишување на долговите

„Сметаме дека ќе дојде до второ отпишување на долговите на Грција. Поради тоа ние се држиме настрана, кога станува збор за грчки државни обврзници“, вели Басомворт за ДВ. Можеби дотогаш ќе поминат и години, оти во блиска иднина нема достасани грчки долгови.

И Хенс Хјумс, претседател на Друштвото за инвестициони фондови „Грејлок кепитал“ од Њујорк, смета дека ќе има натамошно отпишување на грчки долгови и тоа во наредните три години. Но, доколку тоа навистина се случи, тогаш би биле погодени пред се’ државни инвеститори, оценува Ендрју Басомворт: „Тие во меѓувреме поседуваат речиси три четвртини од севкупните долгови на Грција. Затоа некое ново отпишување на долговите веројатно ќе има помалку консеквенции за финансиските пазари отколку што досега се сметаше“.

Товар врз грбот на граѓаните

Тогаш загуби ќе мораат да прифатат Меѓународниот монетарен фонд, Европската централна банка и државите од еврозоната - во крајна линија, значи, даночните обврзници, граѓаните. Ако дојде до второ отпишување на долгови, тоа би можело да биде предизборна тема во сите земји од еврозоната, што веќе одамна е во економски заслабените земји како Грција, Португалија, Италија и Шпанија. Хјумс од „Грејлок кепитал“, кој учествуваше во преговорите за отпишувањето во Атина, поради тоа смета дека е загрозена стабилноста во еврозоната: „Ако невработеноста кај младите изнесува 10, 15 или 25 проценти, тие луѓе ќе гласаат за промени. Тогаш ќе дојде до ирационални политички решенија“.

Symbolbild Schuldenschnitt Griechenland
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ирационално, според него, би било ако Грција ја напушти зоната на еврото. „Кризата таму тогаш би била многу потешка отколку во Аргентина и другите земји, кои мораа да ги репрограмираат долговите“, вели Хјумс за ДВ.

Што, ако Грција ја напушти еврозоната

И покрај тоа, Ендрју Басомворт од „Пимко“ не исклучува излегување на Грција од еврозоната: „Мислам дека веројатноста за тоа е многу голема“. Но, таков чекор би донел многубројни проблеми не само за Грција, туку и за други земји. „Постои опасност тогаш да доживееме јуриш во банките во Португалија, Ирска или во Шпанија. Во тој момент мора да дејствува државата, па повторно би можеле да доживееме контроли на движењето на капиталот во Европа“, вели Басомворт.

„Голема грижа предизвикува дека се’ повеќе и повеќе луѓе во Европа ќе речат: Без еврото не би ги имале проблемиве. Тоа, навистина, е точно. Но, погрешно би било од тоа да се заклучи дека со напуштање на еврозоната веќе не би ги имале проблемите“, вели Вилијам Вајт, канадски економист, кој порано работеше во Банката за меѓународно платежно порамнување, а денес во ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој) го надгледува економскиот развој во земјите-членки.