1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И во општината Лепосавиќ ќе има референдум

4 јануари 2012

Собранието на општина Лепосавиќ на северот на Косово денеска (04.01) одлучи дека на 15 септември во таа општина ќе се одржи референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат дали ги прифаќаат косовските институции.

https://p.dw.com/p/13deH
Фотографија: AP GraphicsBank

На седницата присуствуваа 16 од вкупно 31 одборник во собранието на општина Лепосавиќ и сите гласаа за распишување на референдумот, кој веќе е распишан во останатите три општини на северот на Косово во кои има мнозинско српско население - Зубин Поток, Звечан и Косовска Митровица. Во овие општини граѓаните ќе се изјаснуваат на 14 и 15 декемри. Прашањето на референдумот ќе гласи: „Дали ги прифаќате институциите на Република Косово на северот на Косово и Метохија?“

На седницата не присуствуваа одборниците од владејачката Демократска партија, а новинарите не успеаја да дознаат зошто тие недостасуваат. Демократите владеат во коалиција со партиите СПС и ПУПС. Претходно, претседателот на општината Лепосавиќ, Бранко Ниниќ, за новинската агенција Бета изјави дека смета оти референдумот на северот на Косово во моментов е непотребен затоа што ни државата Србија ги нема признато косовските институции, и оти е непотребно општините да одлучуваат дали ги признаваат институциите на Косово. Претставниците на останатите општини на северот на Косово претходно порачаа дека со референдумот ќе „покажеме оти народот кој живее на северот на Косово не сака да биде дел од косовските институции“. Притоа тие, како што рекоа, немаат намера да го прејудицираат статусот, туку на дел од меѓународната заедница и на Албанците да им го „избијат“ изговорот дека Србите од северот ги сакаат косовските институции и дека против нив се само претседателите на општините.

Автор:СН/ЕМФ/бета

Редактор: Ж.Ацеска