И во Кувајт победија исламистите
3 февруари 2012Сунитските исламисти добија 23 пратенички места, а во распуштениот парламент имаа само девет. Резултатите од парламентарните избори во Кувајт покажуваат голема победа на опозиционите групи, вклучувајќи ги и тврдокорните исламисти, кои се залагаат за стриктни социјални прописи во нацијата која е сојузник на Западот.
Премиерот од кралското семејство
Сепак, без оглед на резултатите, речиси е сигурно дека идниот премиер ќе биде некој од членовите на кралската династија Ал Сабах, бидејќи крајниот збор во именувањето на претседателот на владата го има емирот Сабах ал-Ахмад ал-Џабер ал-Сабах. Членовите на тоа семејство по правило ги држат и позициите министер за надворешни работи, одбрана и внатрешни работи.
Нема жени во новиот парламент
Денешните резултати покажаа дека ниту една жена не е избрана да биде пратеничка во новиот кувајтски парламент. Во претходниот негов состав имаше четири жени. Во трката за пратеничко место учествуваа 23 жени, меѓу вкупно 286-те кандидати.
Гласачите ги казнија пратениците од редовите на власта, намалувајќи го нивниот број до мало малцинство, посебно 13-те поранешни пратеници, кои беа испрашувани од јавниот обвинител поради обвиненија за корупција. Помал број места во новиот парламент добија и либералните кандидати.
Малцинските шиити, кои во вкупниот број на популацијата учествуваат со 30 проценти, во новиот парламент ќе имаат седум пратенички мандати – два помалку од претходниот состав. Четворица од новите пратеници, кои ќе ги претставуваат шиитите, доаѓаат од редовите на исламистичките групи.
Кувајт има историја на политички кризи
Претходниот парламент во Кувајт беше распуштен по протестите на младината и караниците меѓу опозиционите пратеници и владата. Протестите го натераа и поранешниот премиер Шеик Насер Мухамед ал-Ахмад ал-Сабах да си даде оставка, но тој беше заменет со член на владејачкото семејство.
Кувајт и во минатите шест години го следеа кризи, кои доведоа до оставки на седум влади и распуштање на парламентот во четири случаи. Парламентот во Кувајт има поголема политичка моќ во споредба со парламентите во останатите арапски монархии во Персискиот Залив. Тој може да разреши кој било член на владата.
Автор: Александар Методијев /СН/ројтерс/афп/миа
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска