1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И во време на криза останува вербата во подобро утре

12 април 2009

Верниците од католичка вероисповест во Македонија го слават Велигден. Иако се работи за една од помалите католички заедници тие имаат големи планови - догодина да го поканат Папата Бенедикт 16.

https://p.dw.com/p/HVAV
Папата Бенедикт 16 догодина во Македонија?Фотографија: AP

Камбаните одзвонуваа низ католичките цркви ширум Македонија за да ја објават радостната вест – воскресувањето на Исус. Во катедралата Срце исусово во Скопје се одржа традиционалната полноќна велигденска миса. Скопскиот бискупот им посака на верниците среќен празник.

„Христосовото воскресение е неизмерен дар на безграничната Божја љубов кон нас луѓето. Ако вистински го живееме Велигден, тогаш и многумина ќе можат преку нас вистински да го доживеат“, вели Киро Стојанов, бискуп Скопски и Апостолски егзарх.

Надеж во подобро утре

Овој ден е во знакот на празнично расположение, убава мисла и позитивни пораки. Дали и во услови на економска криза луѓето на Велигден чуствуваат радост, верба и надеж?

„Самиот чин на воскреснувањето на Исус Христос е доволен повод за оптимизам која кажува дека животот никогаш не замрува и секогаш имаме надеж дека се ќе биде подобро и ќе живееме онака како што посакуваме,“ вели овој верник.

Ostern, Ostereier, Osterei, Osterfest, Osterbrauch, Osternest
Вапсувањето јајца е дел од велигденската традиција

Празник на семејството

Католичката заедница во Македонија е една од помалубројните, но не се чуствува запоставена.

„Нема големи и мали, католичката вера е една во целиот свет и најубав пример е тоа што католиците од цел свет се католици каде и да живеат. Така што не е се чуствуваме како мала верска заедница“, изјави Антон Серечи еден од домаќините на синоќешната велигденска миса во скопската катедрала.

Меѓу гостите на мисата имаше и православни верници коишто дојдоа да се запознаат со обичаите на оваа црква. Меѓу нив беше и претседателот на собранието, Трајко Вељановски, а мисата ја следеа и амбасадорите на САД, Филип Рикер и на Германија, Улрике Кноц.

Празнувањето продолжува и денеска. Ова е празник на семејството. Сите се собираат на традиционален велигденски ручек, а на трпезата треба да има јагне и вапцани јајца. Јагнето ја симболизира жртвата Исусова, распетието за човековите гревови, а јајцето го симболизира Исусовото воскресение

Автор: Горан Петрески/Невена Георгиевски

Редактор: Невена Георгиевски