И Бундестагот ќе има збор за Македонија!
24 мај 2010Донесувањето на Лисабонскиот договор беше предуслов за новите проширувања на ЕУ, а со тоа и за европските перспективи на Западниот Балкан. Неговата примена, меѓутоа, кога се во прашање проширувањата, во Германија наметна придружни закони кои практично ја усложнуваат постапката и која за новите членки нема да биде само формалност.
„Со Лисабонскиот договор правата на германскиот Бундестаг се проширија. Уставниот суд кажа дека натамошните интеграции се позитивни, но за нивното одобрување посилно треба да биде вклучен германскиот Парламент. Ова значи, за почетокот на пристапните преговори на една земја, владата, во име на Германија, во Европскиот совет може да даде согласност, само
доколку за ова преходно добила зелено светло од Парламентот“, објаснува Мануел Сарацин, пратеник од Сојузот 90/Зелени и член на Комисијата за Европска унија во Бундестагот.
Тој дополнува дека во конкретниот случај владата треба да го замоли Бундестагот за согласност - дали некоја земја смее да ги започне пристапните преговори со ЕУ. Ова подразбира дека Бундестагот треба да донесе соодветен заклучок, со кој Владата ќе настапи во Европскиот совет.
Процедурата ќе „голтне“ време
Ваквата нова процедура несомнено повлекува поголема бирократизација и потрошено време, кое во случајот не и‘ оди во прилог и ќе ја погоди и Македонија. Ова пред се’ поради тоа што земјата уште од лани има позитивна оценка од Европската комисија, но заради спорот со Грција околу името, датумот за стартот на пристапните преговори се одложи.
Доколку, хипотетички, проблемот се надмине до средината на јуни и за датумот за стартот на преговорите се дискутира на крајот на шпанското претседателство, колку ќе трае процедурата која треба да и претходи на германската согласност? Сарацин одговара:
„Нормално, германскиот Бундестаг може брзо да донесе одлука. Но, секако, термините мора да се испочитуваат. Може да оди брзо, но може и да потрае... Ситуацијата е таква и не може да се дефинираат рокови. Се’ може да се заврши во временски простор од две недели до два месеца. Што се вели, постапката може да трае две или дваесет години, но ова за Македонија не е реално“.
Во дискусиите има и позитивна нота
Иако на прв поглед впечаток е дека целата процедура само дополнително се бирократизира, Мануел Сарацин смета дека дискусијата во Бундестагот има позитивна страна.
„Ова значи дека ние сериозно се зафаќаме со земјата која претендира на членство и се обидуваме да изградиме сопствен став за неа. Ова ќе има позитивен ефект за земјата на крајот од процесот, кога членството ќе треба да се ратификува во Парламентот. Тогаш ние веќе ќе имаме комплетена слика за луѓето, за случувањата и ќе може да образложиме зошто е важно земјата да стане дел од европското семејство. Би рекол, можеби станува збор за поотворен и подолг процес, но тој носи длабочина во постапката, заради што сметам дека е позитивен за двете страни.“
Автор: Силвера Падори-Кленке
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска