ИТ-браншата во Шпанија и‘ пркоси на кризата
20 март 2013Многу врвни ИТ експерти се барани во странство, други наоѓаат работа и во Шпанија, на пример кај германскиот специјалист за финансиски софтвер „ЏФТ Технолоџис“. Фирмата во меѓувреме има четири филијали во Шпанија и се потпира на тамошните кадри. Каталонија, според раководството, е европска Силиконска долина, меѓу другото и поради 13-те универзитети во Барселона и ниските трошоци за плати во споредба со Германија.
„ЏФТ Технолоџис“ штотуку разви нов софтвер за мобилна банкарска уплата. Тој наскоро ќе се појави на пазарот. За неговите иновации, на ИТ-специјалистот за финансиски услужни дејности му требаат се‘ повеќе соработници, во Шпанија лани се примени сто нови. Меѓу нив е и Карен Сатиро, веб-дизајнер. Таа веќе седум месеци работи овде; најде работа, за разлика од многуте пријатели.
„Би рекла, не е едноставно како порано, но не е неможно. Тоа е тоа, во што верувам“, вели таа.
Своите севкупни активности низ светот на полето на иновациите „ЏФТ“ ги поврзува во Барселона. Фирмата од Штутгарт може да одбере стручњаци и во другите три седишта во Шпанија.
Карлос Ерес, деловен раководител на „ЏФТ“ за Шпанија: „Предноста е прво во минималните трошоци - Шпанија е околу 20 до 30 проценти поевтина од северноевропските земји. Истовремено, ние сме во можност од Шпанија да ги лиферуваме истите продукти со истиот квалитет како од Германија. Поради тоа, ние одовде сме многу конкурентни“.
Спорд „ЏФТ“, Барселона многу направи за обуката на млади ИТ специјалисти. Во меѓувреме, градот има потенцијал дури да стане еден вид европска Силиконска долина.
„Од една страна постојат универзитети и технолошки институти, од кои студентите излегуваат многу добро подготвени.Од друга страна, токму овие универзитети и институти им помагаат на фирмите во правењето нови бизниси.“
Еден од многуте универзитети во Барселона е Школата за менаџмент ИЕСЕ. Овде студентите учат поврзување на информатичката технологија со економската наука. Но, на каталонскиот главен град сепак нешто му недостига за навистина да биде првокласно ИТ седиште.
Хосеп Валор,професор на ИЕСЕ истакнува: „Овде недостига стартен и ризичен капитал, за да се оформи претпријатие и за Барселона вистински да се претвори во Силиконска долина. Затоа мораме меѓународно и локално да градиме култура за ризичен капитал“.
Тоа би им користело и на многу студенти, кои овде секоја година основаат успешни почетнички фирми. Другите се надеваат дека барем ќе најдат работа.