1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија – со убави продукти надвор од кризата

Клаудија Лазчак / Александар Методијев11 ноември 2012

Во средиштето на кризата летото е отворен нов трговски центар со италијански прехранбени продукти во Рим. „Eataly“ е претприемачки потфат во земја која е заглавена во сериозни економски проблеми.

https://p.dw.com/p/16CGz
Фотографија: Luigi Fraboni

Туристите и локалното население можат да трошат пари во трговскиот центар на 18.000 квадратни метри, во кој се продаваат рачно произведени тестенини, домашно произведено пиво или свежо подготвена моцарела од биволско млеко. Дали во време на криза да се создаде храм на потрошувачката е храброст или лудост?

Работниците и државните службеници живеат во квартот Остиенсе – просечна населба во Рим. Во моментов расположението тука е лошо. Многу продавници мораа летово да бидат затворени. Муштерии има се’ помалку.

„Цените едноставно се многу високи и луѓето купуваат се’ помалку и се’ поретко одат на одмор“, вели една жена.

„И претходно не беше едноставно, но сега е уште потешко да се издржи со парите до крајот на месецот“, објаснува друга жителка на Рим.

Pasta
Во трговскиот центар има домашно подготвени тестенини, но и различни видови на сирења и винаФотографија: picture-alliance / dpa

И покрај тоа, во текот на летото беше отворен „Eataly“ – најголемиот трговски центар за прехранбени производи во цела Италија. На четири ката се нудат италијански специјалитети од сите региони во земјата. Тука има повеќе од 30 различни видови на домашни тестенини. Храмот за гурманите е отворен седум дена во неделата.

Никола Фаринети доаѓа од една од најбогатите фамилии во Италија. Неговиот татко инвестирал околу 80 милиони евра во најголемиот проект на ова претприемачко семејство. Синот го води бизнисот на лице место. Тука кризата не се чувствува.

„Мене кризата воопшто не ми пречи. Јас дури верувам дека имаме добри шанси да излеземе од неа ако се фокусираме на карактеристични производи за Италија. На другите земји веројатно им е и потешко. Според мене, не се работи само за економска криза, туку и за криза на италијанскиот идентитет“, вели Никола Фаринети, сопственик на „Eataly” Рим.

Амбициозната цел е да се направат 70 милиони евра промет годишно во трговскиот центар. Порција пржени морски плодови тука чини осум евра. А, тоа не е евтино. И покрај тоа, муштериите купуваат. Тие понекогаш сакаат во нешто и да уживаат. Десет вакви трговски центри има во Италија, девет во Токио и само еден во Њујорк. Од отворањето во Рим тој е полн. Во просек, тука секој ден минуваат по околу 25.000 купувачи.

Повеќе од 550 лица работат во продавниците и рестораните. Пред се’ тоа се млади Италијанци, како Матео Лимоли. 22-годишникот е заменик шеф на централната ресторанска кујна. Нему му се посреќило.

Pizza Napoli wird normiert
Пица „Наполитана“Фотографија: AP

„Не е едноставно да се најде работа. Најзначајно е нешто што било да се работи. На човек не смее ништо да му биде под чест да го работи и мора да се концентрира на она што може добро да го направи“, вели Матео Лимоли, заменик шеф на кујната.

Гурманскиот центар секој ден, па и во недела, е отворен до полноќ. Многумина доаѓаат за вечера. Тогаш во над 20-те ресторани често се случува да не може да се најде слободно место за вечера.