1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реформското расчистување на Ренци

Јохана Шмелер/ Симе Недевски28 февруари 2014

Новиот премиер на Италија сака да воведе даночни олеснувања, да спроведе реформи на пазарот на труд и да постигне поголема продуктивност. Но, најнапред мора да се пробие против бирократската крутост во земјата.

https://p.dw.com/p/1BGuG
Фотографија: Fotolia/robertovell

Ни помалку, ни повеќе туку „економска револуција“ му најави Матео Ренци на својот народ. Половина година откако Италија на лето ќе го преземе претседателствувањето со Европската унија, изгледа како третата по големина економија на еврозоната економско-политички да станува палавец на Европа: Стопанскиот учинок стагнира, стапката на невработеност со околу 13 насто е на највисоко рамниште од седумдесетите години наваму, а државниот долг изнесува два билиони евра и со тоа 130 насто до Брутодомашниот производ.

„Состојбата во Италија е лоша“, вели главниот економист на германската банка Комерцбанк, Јерг Кремер. „Политичките елити отфрлаат реформи, што значи дека е тоа многу мачна економска ситуација.“

Реформаторот Ренци?

Italiens Regierungschef Renzi/ Senat
Новиот италијански премиер, Матео РенциФотографија: Reuters

Но, на отфрлањето на реформите сега би требало да му дојде крајот. 39-годишниот Ренци, најмладиот премиер во историјата на Италија, јасно на своите партиски колеги и на претходниот премиер Енрико Лета им префрлуваше дека им недостасува креативна волја- и ја истакна сопствената динамична насока: „За оваа влада повеќе нема алиби“, истакна Ренци пред двата дома на италијанскиот Сенат.

Ренци има намера да го поедностави трудовото право и да стандардизира повеќе од 40 различни видови вработувања. Потоа би требала да се олесни заштитата од отказ и да биде поврзана со траењето на работниот однос а намерата е и временскиот период за даночни олеснувања за претпријатијата, кои вработуваат млади луѓе, да се продолжи од моменталните 18 на 36 месеци.

Италијанските претпријатија Ренци сака да ги растовари до ниски придонеси на платата и на енергијата, што пак би требало да се финансира преку намалување на јавните издатоци- значи не со зголемување на даноците. Но и намалувањето на бирократските структури стои на самиот врв на агендата на Ренци. Јирген Михелс, главен економист на Баварската покраинска банка меѓутоа се сомнева дали реформите на Ренци, воопшто можат да се спроведат во актуелнатта ситуација: „И Марио Монти имаше амбициозна агенда, која на крајот пропадна', наведува Михелс во интервју за Дојче Веле и додева дека Ренци токму со реформата на пазарот на труд посегнал по големиот и тешкиот дел од проблемот.

Старо-нови реформски намери

Italien neue Regierung in Rom Parlament
Италијанскиот парламентФотографија: Reuters

Владата на Марио Монти, имено веќе во 2012. година се обиде да спроведе слични реформи но не успеа во таа намера поради бирократската реалност и политичките нејаснотии. „Но Монти беше технократ. Матео Ренци како политичар сигурно е подобро подготвен за спроведување на неговите планови“, истакнува Михелс. Овој експерт воедно напоменува дека пред економските новини би требало да се доврши најавената реформа на уставот.

Ренци го истакнува проевропскиот став дека Европа не е непријател на Италија. И во својот говор во Сенатот истакна дека би било негирање на историјата на Италија ако за економската криза се обвинува европската монетарна унија.

Истовремено истата таа монетарна унија претставува предизвик за Италија уверен е Јерг Кремер од Комерцбанк. „Италија повеќе не може едноставно да ја намали вредноста на сопствената валута и така да ги прикрие сопствените проблеми. Но тоа истотака значу дека и Европската централна банка (ЕЦБ) и натаму е под притисок - бидејќи евентуалниот 'пад на Италија' е ризик за монетарната унија. ЕЦБ во моментов е заложник на италијанската политика.“

Економскиот стручњак Михелс поради тоа среднорочно смета на негодување од Брисел, наведувајќи дека неуспехот на реформските планови на Ренци би можел да предизвика турбуленции во целата еврозона.

„Министерот знае што треба да работи“

Italien neue Regierung in Rom Parlament Pier Carlo Padoan Finanzminister
Новиот италијански министер за економија и финансии, Пјер Карло ПадоанФотографија: Reuters

Но покрај ваквите и другу предвиддувања, Стразбур и Брисел полагаат надежи во новата италијанска влада. Еврокомесарот за надворешна политика, Оли Рен изјави дека е сигурен дека новата италијанска влада ќе ги почитува обврските кои ги преземала. Рен рече дека се радува на соработката со министерот за економија и финансии Пјеркарло Падоан, кој со своите 64 години е најстар член на кабинетот на Ренци. Падоан претходно беше главен економист на Организацијата за соработка и развој (ОЕЦД) во Париз.

Во изјава за италијанскиот весник „Ла Стампа“, Рен истакна дека има доверба во новиот министер за економија на Италија: „Падоан знае што треба да стори“. Економскиот експерт Кремер, италијанското стопанство го гледа “ во теснец на една целосно неефикасна државна управа.“ Она што е изгледно е дека сепак ќе мора да се сочекаат резултатите од реформите на Ренци и да се види далу тие навистина ќе вродат со плод.