1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија е на пат да стане новата Грција

14 јули 2011

Експертите се едногласни - доколку Италија стане „кризен случај“, тогаш чадорот за спас на ЕУ нема да биде доволен. Но, Италија не е ни Португалија, ниту Грција, само што финансиските пазари тоа мораат уште да го учат.

https://p.dw.com/p/11uwr
Фотографија: picture alliance/dpa

Финансиските пазари ја фрлија Италија, третата по големина економија во Европа, во ист лонец со Грција и Португалија. Каматите за десетгодишните државни обврзници се искачија на речиси 5,7 проценти и со тоа се двојно повисоки отколку германските обврзници. Такво нешто во Италија не се случило од почетокот на монетарната унија. Курсевите на италијанската берза паднаа за речиси четири проценти.

„Пазарите се екстремно нервозни“, вели Јирген Матес од Институтот за германска економија во Келн. Не може да се зборува за рационални постапки. И онака немирната состојба е уште повеќе заострена преку „шпекулативните напади“ на американските хеџ-фондови, вели Матес.

Италија, со државен долг од 120 проценти од брутодомашниот производ е меѓу оние што води во ЕУ и одговорна е за речиси една четвртина од државните долгови на сите 17 земји од еврозоната. Само Грција стои полошо и, во меѓувреме, се приближува до 160 проценти државен долг. Но, за разлика од Грција или Португалија, која има долг од 80 проценти, Италија, како што вели Матес, „научила да живее со своите долгови“. По американскиот и јапонскиот пазар на обврзници, италијанскиот е трет по големина во светот. Колку е поголем пазарот, толку полесно се снаоѓаат инвеститорите, кои може да сметаат со тоа дека можат да ги продадат своите обврзници во случај на нужда. Затоа Италија досега никогаш немаше проблем да ги финансира своите долгови.

Италија може сама да си помогне

При целиот страв околу Италија, не смее да се заборави дека земјата економски стои далеку подобро отколку Португалија или Грција. Буџетскиот дефицит минатата година изнесуваше пет проценти, а оваа година, според проценка на Европската комисија, ќе изнесува околу 4 проценти. Португалија, пак, во 2010 година имаше дефицит од 9,1 процент, додека Грција годината ја заврши со буџетски дефицит од 12,7 проценти.

Најважни извозни гранки на Италија се автомобилската и машинската индустрија
Најважни извозни гранки на Италија се автомобилската и машинската индустријаФотографија: Fiat

„Освен тоа, Италија е креативен центар“, вели финансискиот експерт Ханс-Петер Бургхоф од универзитетот Хохенхајм. Во Италија, исто како и во Грција или Португалија, има маслинки и вино, но за разлика од Грција која живее главно од туризам, Италија има голема, диверзифицирана економија. Во најважните индустриски гранки се врбојуваат машинската и автомобилската индустрија, кои се и најважните извозни гранки на земјата. Италија, покрај тоа, е позната и по своите индустриски и модни дизајнери.

Италија расте и штеди

ОЕЦД за годинава предвиде дека брутодомашниот производ на Италија ќе порасне за 1,1 процент. Наредната година порастот би бил 1,6 проценти. За разлика од тоа, Португалија не бележи пораст веќе десет години, а ЕК дури очекува земјата годинава и наредната година да забележи пад од два процента. За Грција и да не зборуваме, зашто нејзиниот економски учинок годинава најверојатно ќе падне за 4, 5 проценти. Изгледите за 2012 година се исто така мрачни.

Италија, во споредба со Португалија или Грција, досега е многу помалку задолжена во странство
Италија, во споредба со Португалија или Грција, досега е многу помалку задолжена во странствоФотографија: picture alliance/ZB

Кој бележи поголем проаст, тој може и повеќе да штеди. Италијанската стапка на заштеда, на европско ниво, е многу висока. Така, Италија, во споредба со Португалија или Грција, досега е многу помалку задолжена во странство. Многумина Италијанци ги вложуваат своите пари во домашни државни обврзници - над половината италијански државни долгови се во италијански раце.

Италијански банкрот би бил премногу за ЕУ

Економскиот истражувач Јирген Матес се надева дека меѓународните инвеститори наскоро ќе ги забележат ваквите разлики. „Италија може да поднесе високи камати извесно време“, верува тој, проценувајќи дека тоа веројатно би биле година до две, затоа што италијанските долгови се значително подолгорочно финансирани од долговите на Грција.

ЕУ нема да може сама да ја спаси Италија, доколку дојде до платежна неспособност
ЕУ нема да може сама да ја спаси Италија, доколку дојде до платежна неспособностФотографија: DW

Доколку, наспроти очекувањата, Италија некогаш не биде во состојба да се снајде со долговите, тогаш, како што нагласува финансискиот експерт Ханс-Петер Бургхоф, едно е сигурно: „Италија нема да може да се спаси на ваков начин!“ За такво нешто чадорот за спас на ЕУ е премал, а и граѓаните на ЕУ, како што проценува Бургхоф, нема веќе да сакаат да учествуваат во такво нешто. И неговиот колега Матес е сигурен дека ЕУ нема самата да може да излезе на крај со евентуален банкрот на Италија. Тука, при спасувањето, ќе мора многу повеќе да се помогне, како на пример од страна на ММФ, но и од други држави. „И, тогаш, можеби ќе мора да се вклучи и Кина“, вели Матес.

Автор: Јута Васераб / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски