Италија ги пушти туниските бегалци низ Европа
8 април 2011„Повеќето доселеници сакаат да ги посетат своите пријатели и роднини во Франција или во другите европски земји“, изјави италијанскиот министер за внатрешни работи Роберто Марони при претставувањето на договорот со Тунис за решавање на проблемот со бегалците, пред парламентот во Рим. Одобрувањето за престој важи само за бегалците кои на италијанско копно стигнале пред вторник оваа недела. Премиерот Силвио Берлускони во меѓувреме го потпиша соодветниот декрет.
По падот на тунискиот претседател Зине ел Абедин Бен Али на средината на јунуари, според италијанскиот министер за внатрешни работи повеќе од 25.000 бегалци од северна Африка пребегаа во Италија, повеќето од нив се од Тунис. Илјадници Тунижани од малиот остров Лампедуза во меѓувреме се пренесени во други градови на Италија. Официјален Рим повторно соопшти дека од другите европски држави е препуштен сам на себе по однос на прашањето со бегалците. Рим и Тунис во вторникот постигнаа договор, кој го регулира враќањето на илјадници туниски бегалци во нивната татковина.
Франција меѓутоа реагираше дека нема да толерира „бран туниски доселеници“ од Италија, изјави министерот за внатрешни работи Клод Геант за агенцијата афп. Одобрувањата за престој, кои ги издаде Италија не се доволни за влез во Франција, освен ова потребни се лични документи и доволни финансиски средства. Италијанскиот министер реагираше дека слободата на движење е гарантирана во Шенген зоната со правила, тие мораат да се почитуваат.
Автор: АТ/ЖА/афп
Редактор: Жана Ацеска