1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италијанците се борат за ноќен мир

Филип Цан/ Жана Ацеска18 септември 2013

Во Италија се јаде и пие до доцна во ноќта. Но, забавата на туристите и локалните Италијанци им пречи на жителите во големите градови, како што се Рим и Милано. Таму граѓаните решија да стават крај на вревата навечер,

https://p.dw.com/p/19cKu
Фотографија: DW/I. Kaschey

Дина Нашети всушност е мирна дама, иако сѐ почесто мора со неодобрување да ја врти главата поради својот кварт. Сладолед-барови, ресторани за брза храна и постојан акустички разглас. Тука не помагаат ни тампони за уши: квартот Трастевере прерасна во едно единствено место за забава.

„Ми се темни од секоја ноќ кога ќе затворат локалите: тогаш луѓето остануваат на улиците, викаат. Многумина, пред сѐ младите, се пијани, уринираат или повраќаат под моите прозорци. Понекогаш дури морам да повикувам брза помош, во четири часот утрото“.

Кога ќе се стемни, на Дина ѝ се крева косата на главата. Таа попусто се бори против улучните музичари и масите луѓе пред нејзиниот стан.

Во Рим по полноќ владее полна раздвиженост, никој не мисли на одење дома.

„Како некој може да затвори во еден? За мнозинството во ова време вечерта допрва почнува-се излегува“, вели еден Римјанин.

На улицата речиси никој нема разбирање дека за постарите жители сега е време за спиење: „Оној кој живее овде во центарот на Рим, има доволно пари да си купи стан некаде на помирно место“.

Но, многумина не го сакаат тоа. А младите не сакаат да се забавуваат пред сопствените врати во предградијата, туку на улиците во центарот. Не само во Рим, туку и во Милано. Во северноиталијанската економска метропола жителите му приредија ненадеен крај на медитеранскиот ноќен живот.

Џулија и Лука преку граѓанска иницијатива го принудуваат градот на нови законски правила за бучавата.

„Општинарите сфатија дека нашата основна намера е заштита на градот од вандализам, валканици, уништување на уметнички предмети. Се работи за целосно луди учесници на забави кои по бурна ноќ целосно ја губат контролата над себе“, објаснува Лука Катанцаро.

Воинствените заштитници на тишината им се спротивставуваат на ноќните врескачи дури и со апарати за мерење бучава. Аргументите ги најдоа во Брисел.

Џулија Грести, портпарол на комитетот „Навиљи“: „Европското право е на наша страна. Тоа значи, жителите мора да бидат информирани пред нивната животна средина да се смени во основа. Овде еден кварт е претворен во Лас Вегас, без претходно некој да биде прашан“!

Sequenz von dem DW Beitrag Europäische Sperrstunde Mailand
Фотографија: DW

Во иднина затоа по полноќ на улица не смеат да се конзумираат храна и пијалоци. Така се планира спречување на собирање на луѓето.

Франко Фалконе, сопственик на киоск, веќе сега пцуе. Новиот закон е штетен за стопанството: тој со задоволство и натаму би им ги продавал своите сендвичи со шунка на ноќните птици. „Во еден часот ноќе не смеам веќе ништо да продавам. Јадењето на улица сега е забрането. Тоа е лудост и овде уништува 20 илјади работни места.“

Дури и јадење сладолед на улица на почеток беше на листата со забрани. Но, тоа им беше премногу дури и на жителите во центарот желни за тишина. Општината го избриша ова правило. Оттогаш се прави обид за ограничување на штетата.

Тулио Матранџело, командир во градската полиција, објаснува: „Забраните се насочени против кебапите, пицата и пивото во шишиња. На почеток беше опфатен и сладоледот, но тоа беше коригирано во рок од 48 часа.“

Оној кој ноќе пие алкохол во Милано под ведро небо или нешто јаде, љубезно ќе биде избркан.

Забава против ноќен мир: општинскиот советник Марко Гранели гледа разгорување на социјален конфликт меѓу младите ноќни птици од предградијата и сѐ постарите жители во центарот на градот.

Марко Гранели од општина Милано: „Мораме да посредуваме. Новите правила пропишуваат најдоцна во три часот наутро во центарот да бидат затворени сите јавни локали. Затоа што полицијата мора да ги штити и интересите на оние кои тука живеат“.

Но, само што ќе замине полицијата, младите желни забава ги вадат шишињата од скривалиштата. Многумина не дозволуваат да им се расипе забавата: „Сега не е толку раздвижено. Да видите како е во четири часот наутро, кога сите се вистински пијани. Па уште и дроги, навистина е забавно“.

Во Рим тогаш сињора Дина е веќе при крај со нервите и со копнеж мисли да помине една ноќ во Милано.