1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исчезна авион со руски дипломати, инвеститори и новинари

Александар Методијев/ап/макфакс9 мај 2012

Дипломати од руската амбасада, потенцијални купувачи од неколку индонезиски авиокомпании и новинари се дел од 38-те патници во авионот „Сухој Суперџет-100“ кој исчезна за време на промотивен лет над Индонезија.

https://p.dw.com/p/14sLA
Фотографија: AP

Во рускиот авион се наоѓале 46 лица. Тој летал над планински терен на западот од Индонезија кога побарал дозвола за слетување, по што контактот со пилотската кабина исчезнал. Спасувачките екипи веднаш се упатиле во пребарување на областа, но поради временските неприлики два келикоптера морале веднаш да се вратат назад, информираше портпаролот на министерството за транспорт Бамбанг Ерван.

„Авионот исчезна од екраните додека летал во реонот на Богор, јужно од главниот град. Ние продолжуваме со проверката и сe уште не знаеме дали е урнат или не", изјави Гага Пракосо, портпарол на Националната агенција за спасувачки операции.

Авионот полетал во седум часот утрово по средноевропско време од аеродромот Халим Перданакусума во Џакарта и требал да се врати назад по 50-ина минути. Но, контактот со авионот исчезнал кога пилотите побарале дозвола да го спуштат авионот од 3.000 на 1.800 метри висина, во моменти кога надлетувал нас планини во провинцијата Западна Јава.

„Видов голем авион како минува над мојата куќа. Леташе малку на едната страна и моторите бучеа, ама не слушнав експлозија или нешто така“, вели Јуанда, селанец кој живее во близина на планината висока 2.200 метри.

Освен руските дипломати, претставници на индонезиски авиокомпании и новинари, во авионот имало и осум член руски екипаж. Авионот е развиен од страна на руската компанија Сухој во соработка со западни партнери и е прв нов авион дизајниран од Русија по распадот на Советскиот сојуз. Земјата се надева дека со тој модел ќе се пробие на меѓународните пазари, каде доминираат Боинг и Еирбас.

Авионот се наоѓал на четвртата станица од роуд шоуто „Добредојде Азија!“, што требало да се случи во шест земји. До сега патниците од авионот ги посетиле Мјанмар, Пакистан и Казакстан. По Индонезија, авионот требал да лета кон Лаос и Виетнам.