1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Истрагата се одвива добро, вели Јанкулоска

СН/ЕМФ/миа/макфакс17 април 2012

Македонската министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска порача дека МВР има сериозни информации што може брзо да го решат случајот со убиството на петте лица во близина на Скопје.

https://p.dw.com/p/14fI9
Фотографија: DW

Истрагата во врска со петкратното грозоморно убиство оди во добра насока, оцени денеска (17.04) министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска. Со оглед на тоа што се работи ya поголем обем на информации и исклучително тешко и сложено кривично дело, таа апелираше за трпение, за да може полицијата сериозно да направи анализа и да не се дозволи некоја информација која може да е суштинска да не биде доволно разработена.

Јанкуловска укажа дека полицијата има сериозни информации кои би можеле да значат финално разрешување на случајот, но повтори дека е потребно одредено време.

„МВР работи 24 часа, мобилизирани се сите служби и буквално не застануваме ниту за миг. Работиме и на се’ што е поврзано со петкратното убиство како најголем приоритет, но и на сите други околности што на еден или друг начин можат да се доведат во релација со настанот, како и другите случувања кои неминовно се дел од секојдневниот живот“, изјави Јанкулоска.

Четириесетина повици од граѓани

Таа информира дека се‘ уште не се завршени разговорите со најблиските членови од семејствата на убиените, а причината е нивната општа состојба, бидејќи сосема логично, вели Јанкулоска, тие се во голем шок и стрес и не се во состојба да дадат исказ кој евентуално би можел да и‘ користи на полицијата.

Blockierte Autobahn nach Tod von 5 Menschen in Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Министерката Јанкулоска информира дека по објавувањето на фотографиите на возилото за кое се смета дека било на местото на настанот и најверојатно е поврзано со убиството, МВР добило повици од околу четириесетина граѓани на телефонската линија 199. Дел од нив, потенцира таа, се поклопуваат со претпоставките на полицијата и во текот на денешниот ден продолжува анализата на сите информации и нивно ставање во контекст на целосно завршување на истрагата.

Без коментар за заканите преку интернет

Македонската министерка за внатрешни работи денеска уште изјави дека не би ги коментирала заканите на „Армијата за ослободување на окупираните албански земји“. „Јас не би коментирала во оваа фаза ниту едно писмо и ниту едни закани додека не видиме убаво за што се работи, колку е кредибилен изворот од кој доаѓа, односно не ја видиме фактичката содржина“, изјави Јанкулоска. Извесна „Армија за ослободување на окупираните албански земји“ упати ултиматум до македонската влада за две недели да се повлече од, како што велат, окупираните и колонизирани албански земји, или во спротивно се заканува со напади. Ваквото барање, како што пренесува порталот „Порталб’, било дефинирано на итен состанок одржан во Митровица.