1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Истрагата за инцидентот кај Кодра Фура продолжува

Александар Чомовски25 октомври 2007

Еден загинат, втор се бори за живот, трет полицаец граничар е надвор од животна опасност. Тоа е крвавиот епилог од нападот врз патролата на тромеѓето Косово-Јужна Србија-Македонија.

https://p.dw.com/p/BwPL
Зградата на Министерството за внатрешни работи во СкопјеФотографија: Petar Stojanovski

Полицијата сеуште нема појасна слика за тоа како и кој пукал врз македонската етнички мешана гранична патрола на македонско-косовската граница. Младиот загинат полицаец, деновиве очекувал принова, за состојбата на вториот ранет е витално загрозувачка. Третиот член на патролата е надвор од животна опасност. Министерството за внатрешни работи сеуште работи на извлекување на џипот “Лада Нива“ од ендекот во кој пропаднал, а кој е длабок над 50-тина метри. Дури потоа ќе биде познато дали врз полицисокото возило е пукано со рафали.

Вонредна парламентарна седница

Парламентот утре, на барање на опозицијата, треба да има вонредна парламентарна седница во чиј фокус ќе биде безбедноста состојба во земјата. Зошто е поднесено барањето за вонредна седница? Игор Ивановски (СДСМ) вели: “Безбедносната ситуација е алармантна во континуитет. Ни‘ се случува за помалку од два месеци на иста територија да загинат двајца припадници на полицијата, повеќемина се ранети. Ни‘ се случува ситуација МВР да не ја контролира територијата.“

Јован Манасиевски (ЛДП) објаснува: “Јас сум многу вознамирен, како и сите граѓани на Република Македонија, затоа што имаме след на инциденти во период кога треба да покажеме голема внатрешна стабилност и капацитет на функционирање на нашите институции. “

Јанкуловска подготвува информација, Милошоски смета дека земјата може да се справи со вакви “споредни инциденти“

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска подготвува информација за безбедносната состојба. Синоќа, македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, оцени: “Мислам дека Македонија има капацитет да гарантира за својата стабилност и безбедносна ситуација. Одредени екстремни групи не го посакуваат позитивниот развој на настаните во регионот, што значи евро-атлантска интеграција на повеќе земји од регионот и веројатно се обидуваат да го загрозат тој процес. Во секој случај, ваквите споредни инциденти треба да бидат и дополнителен поттик за подигање на свеста кај сите регионални и меѓународни одговорни фактори.“