1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Источна Европа на курсот на атомската енергија

Кено Ферзек / Александра Трајковска5 ноември 2013

Додека некои земји од Западна Европа ја укинуваат атомската енергија, источните земји од Литванија до Бугарија полагаат во надградба на атомската сила. Во Пакс речиси сите се задоволни со тамошната нуклеарна централа.

https://p.dw.com/p/1A436
Атомската централа во Пакс во УнгаријаФотографија: Transit-Archiv

Јожеф Бордач седи удобно во една фотелја покрај кујната. Тукушто се врати од работа и делува опуштено. „Атомската централа е најдобриот работодавач во регионот“, вели 41-годишникот. „Што се однесува до безбедноста пак, нема никакви штетни влијанија врз градот и околината“. Неговата сопруга Моника, која има 39 години, го дополнува: „Атомската енергија е евтина и помалку е штетна за околината отколку конвенционалните термоцентрали.“

Пакс е мало гратче на Дунав во централниот дел на Унгарија и има 20.000 жители. Секој од нив ја знае централата. Името на местото е синоним за атомската централа, која стои овде - единствената во земјата: четири советски реактори со вода под притисок со 2000 мегавати вкупна јачина, во погон од 1983 година. Заедно тие произведуваат 40 проценти од потребите за струја на Унгарија.

Јожеф и Моника Бордач живеат удобно со своите две деца: куќа со шест соби, голем посед на мирно место. Јожеф Бордач веќе 16 години работи во атомската централа, како техничар за одржување и контролор за градежно одржување. Неговата сопруга Моника предава географија и историја во едно училиште специјализирано за енергија и техника на атомските централи.

Атомска енергија? Да, ве молам!

Слично како семејството Бордач живеат и мислат многу луѓе во градот Пакс. Околу 2.500 жители, речиси една третина од вкупната работна сила во местото, се вработени во атомската централа и во просек заработуваат по 1.200 евра месечно - речиси двојно повеќе од просечната плата во Унгарија. Оттука не зачудува што во Пакс толку многу ја одобруваат атомската енергија.

Atomkraftwerk Paks in Ungarn Turbinenhalle
Нуклеарната централа во ПаксФотографија: Transit-Archiv

Меѓутоа и на други места во земјата Унгарците позитивно гледаат на атомската енергија, движење против атомската енергија кое вреди да се спомене нема и немало. Дури и длабоко поделената политичка класа во основа е единствена по прашањата за енергијата: Атомската енергија треба да се надградува. Унгарија сака да ги модернизира четирите блокови во Пакс, да го продолжи нивниот век и најверојатно да догради уште два нови блока.

Унгарија со тоа го следи трендот во регионот. Од Балтикот до Бугарија речиси сите земји полагаат во атомската енергија. Во Литванија и Полска населението е повеќе против атомската енергија, меѓутоа и двете земји и натаму размислуваат за изградба на атомски централи. Во Чешка, Словачка, Романија и Бугарија делумно има конкретни планови за изградба за нови реактори, мнозинството од населението го поддржува тоа.

Многу отворени прашања

На средината на октомври (14.10), премиерите на земјите од Вишеградската група (Полска, Чешка, Словачка и Унгарија) на заедничка средба ја потврдија определбата за атомска енергија и истовремено побараа од ЕУ да не усвојува регулативи за атомската енергија. Брисел не би смеел да одлучува околу тоа кои примарни енергетски извори ги користи една земја, сметаат премиерите.

И покрај споредбено високата поддршка меѓу населението, плановите не се не проблематични. Во Чешка, Словачка, Романија и Бугарија нуклеарните централи кои се во погон во минатото имаа постојано безбедносни проблеми. Бугарската нуклеарка Козлодуј, по литванската Игналина затворена во 2009 година, се смета за најопасна атомска централа во источноевропските ЕУ-земји. Дури и во централата во Пакс, која се смета за сигурна, во 2003 година имаше сериозен инцидент. Освен тоа, во речиси сите земји во регионот не е решено прашањето со крајно складирање на атомскиот отпад.

Bulgarien Kernkraftwerk Kosloduj
Буггарската атомска централа КозлодуjФотографија: Dimitar Dilkoff/AFP/Getty Images

Ова не е единствената причина поради која киритичките експерти за енергија сметаат дека едностраното ориентирање кон атомската енергија е проблематично. „Ние сме за одржливост на унгарскиот енергетски систем и за тоа, информирани луѓе на европски начин да дискутираат и одлучуваат“, вели Ада Амон, претседател на на клубот за енергија во Будимпешта. „За жал недостасува политичка волја, сериозно да се сфатат новите технологии за енергија“. Владиниот портпарол Ференц Кумин возвраќа: „Се разбира, обновливите енергии ќе бидат надградувани согласно нашите ЕУ - обврски до 2020 година, тие треба тогаш да имаат удел од 20 проценти“.

„Атомската енергија е најдобра“

Во Пакс обновливата енергија нема да игра некаква улога во догледно време. Довербата во атомската енергија се чини дека кај повеќето луѓе таму е безгранична. Еден од нив е 21-годишниот Петер Рац, чие семејство одамна работи во атомската централа. Тој не разбира зошто мнозинството Германци ја одбиваат атомската енергија: „Оваа технологија секогаш ќе се користи, таа е безбедна и носи многу работни места“, уверен е Рац.