1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историјата на државните обврзници

7 декември 2011

Хартиите од вредност со фиксни каматни стапки на земјите од еврозонатa важеа за сигурен влог на инвеститорите. И за оваа класа на инвестиции важи правилото-колку е поголема каматната стапка, толку е поголем ризикот.

https://p.dw.com/p/136lR
Државните обврзници до пред неколку години имаа добра репутација

Историјата на државните обврзници започнала во 14 век, во северниот дел на Италија. Во тоа време големите трговски градови биле центри на моќ. Овие град-држави воделе војни меѓу себе. Но, богатите граѓани, претежно трговци, не војувале сами, туку ангажирале војници-платеници. A, тие, пак, за тоа требало да бидат платени. Во Фиренца, во тоа време биле создадени претходниците на денешните државни обврзници. Документите биле наречени „престити“ или „престанце”, што во превод значи заеми. Бидејќи, од внатрешнополитички причини даноците не можеле да се зголемат, градот, користејќи ги овие документи, позајмувал пари од граѓаните за да ги плати војниците. Како отштета за заемот градот плаќал еден вид „провизија”. Во тоа време на христијаните им било строго забарането да земаат камати.

Ваквата форма на финансирање на државите многу брзо се раширила низ Европа. Оттогаш државните обврзници играат главна улога во многу историски настани. Така, на пример, претераното државно задолжување од т.н. заеми во Франција во 1789 година, e една од причините за избувнувањето на револуцијата - почеток на крајот на феудализмот.
Првата светска војна била финансирана од Германија, Австро-Унгарија и Русија со обврзници. Во Германија, овие документи во историјата биле запишани како т.н. воени обврзници.

Државните обврзници нудеа сигурност во инвестирањето

Ulf Krauss Analyst und Rentenmarkt Experte Landesbank Hessen-Thüringen
Улф Крау од Народната банка на покраините Хесен и ТирингијаФотографија: Helaba



Во изминатите години државните хартии од вредност со фиксна каматна стапка на западните индустриски земји стекнаа одлична репутација. Особено кога берзите паѓаат, инвеститорите ги продаваат своите шпекулативни акции и купуваат државни обврзници. Тие нудат голема сигурност, но ниски добивки. До пред неколку години особено обврзниците на земјите на еврoзоната важеа за сигурна инвестиција: „Тоа сега се покажа како погрешнo. Мислам дека во тоа време никој не можеше да знаe дека неколку години подоцна ќе дојде до финансиска криза, што ќе присили некои држави да преземат гаранции и да спасуваат банки, со цел да се спречи најлошото. Со тоа, меѓутоа, ризиците на банките се префрлија врз државните буџети“, вели економистот Михаел Нојгарт од техничкиот универзитет Дармштат.

Загубена доверба

Аналитичарот Улф Краус од Националната банка на покраините Хесен и Тирингија, смета дека загубената доверба во државните обврзници на земјите од еврозоната е процес што започна со банкротот на банката Леман Брадерс, во 2008 година. Од тогаш инвеститорите станаа поскептични. Прашањето дали ветената добивка од обврзниците може воопшто да ги надминe можните ризици, игра многу поголема улога отколку порано. Освен тоа, и проценките на големите рејтинг-агенции се ставаат под знак прашање. Покрај високите државни задолжувања, експертoт Краус гледа уште еден голем проблем на западните индустриски нации, имено - стареење на општеството. Со демографскиoт развој се отвораат нови финансиски дупки: за сe’ повеќе стари луѓе треба да се финансираат пензии и осигурување, а воедно има се’помалку луѓе кои уплаќаат во државната каса. Како може овие долгови да се урамнотежат?„Ова прашање во моментов треба да го одговори политиката, за да може полека да ја врати довербата“, вели експертот Краус.

Државните обврзници се гаранција за навремено враќање на кредитите

Michael Neugart TU Darmstadt
Михаел Нојгарт од техничкиот универзитет ДармштадтФотографија: TU Darmstadt

Во текот на целиот период се плаќа камата. Таа е поттик за заемодавците да ги инвестираат своите пари во оваа финансиска форма. Но, како и кај другите обврзници и кај државни обврзници постои ризик дека каматните стапки или, пак, капиталот нема да можат да се исплатат според договореното. За проценување на овој ризик надлежни се рејтинг-агенции. Tие ја проценуваат кредитната способност на должниците. Колку полоша е кредитоспособноста на некоја држава, толку повисоки се каматите што таа мора да ги понуди како премија за изедначување на ризикот, со цел инвеститорите да инвестираат во нејзините хартии од вредност.
Доколку бројот на купувачи драстично се намали, јасно е дека државата мора да ја промени својата фискална политика.„Тоа е всушност и функцијата на пазарите - да се покаже дека е потребна промена и дека треба да се реагира. Во спротивно, ќе се случи она што се случи во Грција, а тоа е само врв на ледениот брег, имено се заканува катастрофа.“

Државните обврзници не се најбезбедните инвестиции. Дури и ако целата држава стои зад ризиците, неуспеси се можни, па дури и тотална загуба.

Автор: Клаус Улрих / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Борис Георгиевски