Историска шанса за Металург и македонскиот ракомет
3 декември 2011Дуелот со Санкт Петерсбург е апсолутно најважен натпревар за ракометарите на Металург во оваа година. По очекуваната победа на германскиот шампион и лидер во групата Ц, Хамбург против последнопласираната Констанца од Романија, ракометарите на Металург сега со победа во Скопје против руската екипа ќе остварат историски успех.
„Нашиот клуб е во историска ситуација како прв македонски клуб да влезе меѓу 16-те најдобри во Лигата на шампионите. ТОП 16 во Европа значи и ТОП 16 во светот на ракометот. Прашање е дали друг пат ќе имаме ваков распоред. Голема е честа со евентуален влез во следната фаза да бидеме заедно со екипи како Кил, Атлетико Мадрид, Барселона. Затоа овој натпревар е најважен за Металург и македонскиот ракомет“, рече тренерот на „металурзите“, Лино Червар.
Како и на секој натпревар на Металург во Скопје се очекува голема поддршка од трибините. За возврат тренерот Лино Червар вети максимално залагање и добра игра на неговите избраници.
Инаку во првиот натпревар од 7-то коло во групата Ц, Хамбургер во четвртокот ја совлада Констанца со 36:25.
Денеска покрај дуелот Металург- Санкт Петерсбург во групата Ц се игра и натпреварот Висла - Копер.
Автор: СН/ АТ/ сид/ миа
Редактор: Александра Трајковска