1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Испукана е целата муниција?

Комeнтар на Ролф Венкел18 декември 2008

Американската централна банка, стравувајќи од продлабочување на рецесијата, се одлучи на намалување на каматните стапки на историски најниско ниво, практично на нула проценти. Дали е употребено и последното средство?

https://p.dw.com/p/GHzn
Историско намалување на каматната стапка во САД, берзите на почеток позитивно реагираатФотографија: AP

На Њујоршката берза историската одлука на Американската централна банка предизвика бум на курсевите, Доу Џонс индексот на крајот на тргувањето имаше плус од 4,2 проценти. Но, оваа еуфорија може брзо да премине во отрезнување, ако не и повторен пад. Тогаш, кога на американските штедачи ќе им стане јасно зошто банката ја смени својата досегашна политика на каматите и ги отстрани сите сопирачки.

Оној што ја намалува каматната стапка од нула до 0,25 отсто е веќе до гуша во вода. На американското стопанство му се заканува лизгање во дефлациска криза, приватната потрошувачка, инвестициите и индустриското производство со месеци се во паѓање, се наѕира најлошата депресија во последните 80 години. Правилно е, во ваков случај, кредитите и инвестициите да станат колку што е можно поевтини, уште повеќе што Централната банка не мора да стравува од инфлациска опасност, зашто побарувачката опаѓа, а и цените на суровините и енергенсите.

Прашањето е што сака да направи Американската централна банка ако не помогне ни овој акт на очај. Со овој чекор таа веќе ја испукала целата муниција. Под нула не може. А тоа дека банката очигледно нема многу доверба во влијанието на сопствената монетарна политика, може да се прочита по други индиции. Таа не само што со месеци пумпа заради ликвидност на пазарот, туку притиска и печатницата за пари. Порано банките можеа да добијат пари претходно поднесувајќи првокласни хартии од вредност пред Централната банка, денес тоа не важи. Банката денес е подготвена да откупува и сомнителни хипотеки, удели во долгови и долгорочни државни заеми, важно е пазарот на кредити да не прекине.

Rolf Wenkel
Ролф Венкел

Јапонско искуство?

Дали на најголемата светска економија сега и‘ се закануваат јапонските односи? Јапонската централна банка, да потсетиме, речиси една деценија водеше политика на нула каматна стапка. На јапонското стопанство сепак му требаше десет години за да се опорави. Ако на најголемата светска економска сила, која е и мотор на светската конјунктура, и‘ требаат исто така десет години за да се крене на нозе, тогаш изгледите се мрачни.

Тешко е сфатливо како средството што ја овозможи глобалната финансиска криза сега треба да биде средство за спас, имено, пумпање речиси неограничена ликвидност на пазарите. Ова средство беше добро за употреба по терористичките напади од 11 септември 2001 година и ги спаси САД од подолга рецесија. Меѓутоа, Централната банка пропушти правовремено да ги затегне уздите. Токму непотребната ликвидност ги наведе банките да им даваат хипотекарни кредити за изградба на куќи на луѓето со мали заработувачки и да пронаоѓаат се’ понови, поапстрактни и високоризични финансиски производи, што крајно доведе до кризата. Сега истото средство, пумпањето практично неограничена ликвидност на пазарите, треба да води кон излез од кризата, тоа е правилно, но тешко сфатливо за лаиците.

Поуки од кризата

За Европејците и за остатокот од светот сепак постои надеж. Американците преку кризата ќе сфатат дека развојот и стандардот не можат вечно да се финансираат преку кредит. Оној што ќе го навикне својот народ на животен стил со девизата: купи сега, плати подоцна, кој инвеститорите ги лаже дека со чесна работа се добиваат камати од 25 проценти, не се однесува многу посериозно од еден измамник кој ги мами наивните туристи на аголот од улицата.