1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Испорака спречена во последна минута

15 април 2009

Поранешниот чувар во концентрациониот логор Собибор, Џон Демјанјук, изутринава од САД требаше да биде испорачан во Германија. Испорачувањето на 89 годишникот е спречено за влакно од страна на еден американски суд.

https://p.dw.com/p/HX24
Џон ДемјанјукФотографија: AP

Џон Демјанјук веќе бил приведен од страна на американските службеници и веќе бил на пат за аеродромот, од каде требало да полета за Минхен. Веројатно и самиот Демјанјук и неговото семејство не сметале дека испораката ќе биде спречена. Неговите роднини се разделиле од него со солзи кога старецот бил приведен од страна на властите за доселување. Една американска телевизија јави дека Демјанјук претходно се исповедал кај еден свештеник.

Минхенското обвинителство го гони поранешниот чувар во концентрациониот логор Собибор за помош при убиство на 29.000 Евреи во времето на националсоцијализмот. Демјанјук, кој е Украинец по потекло, во 1943 година, како чувар во логорот Собибор во окупирана Полска, ги носел луѓето од возовите со кои пристигнувале во гасни комори.

Го спаси староста?

Минатата недела еден суд во американската сојузна држава Вирџинија донесе одлука за испорака на Демјанјук на Германија. Налогот за негово апсење беше издаден во Минхен, во март годинава. Сега, повисоката судска инстанца го спречи испорачувањето со образложение дека е потребно време да се разгледа приговорот на Демјанјук на одлуката на судот. Одбраната на Демјанјук аргументира дека поради неговата возраст и здравствена состојба, испорака би значела прекршување на меѓународните правила за забрана на измачување и нечовечки третман.

Осуден на смрт, па ослободен

Prozeß gegen John Demjanjuk fortgesetzt Israel USA
Во 80тите години против него се водеше процес во ИзраелФотографија: picture-alliance/dpa

Демјанјук во Втората светска војна прво служел во Црвената армија. Во 1942 година, исто како илјадници други млади луѓе од Украина и балтичките земји, се пријавил во ЕсЕс единиците како помошник-доброволец и бил ангажиран како чувар во различни концентрациони логори на нацистите. Во 50-тите години се криел во Баварија и се иселил за Америка. Неговиот вистински идентитет бил познат уште во 70-тите, а САД го испорачале на Израел во 1989 година. Таму прво бил осуден на смрт, а потоа ослободен поради сомневање во неговиот идентитет.

Автор: ЕМФ/ЖА/афп/дв

Редактор: Александра Трајковска