1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Испораката на гас под строг надзор

Агенции9 јануари 2009

Гасот од Русија повторно ќе протече низ украинскиот гасовод. Двете страни постигнаа согласност околу набљудувачката мисија на ЕУ. Oна што остана нерешено е главниот проблем - новата цена на гасот и долговите на Украина.

https://p.dw.com/p/GV2G
„Гаспром“ подготвен да ги отвори вентилитеФотографија: picture-alliance/ dpa

Русија прифати ангажирање на набљудувачи од Европската унија кои ќе треба да го контролираат протокот на гас преку украинскиот гасовод. Како што соопшти чешкото претседателство со Унијата, договорот синоќа го постигнале во телефонскиот разговор рускиот премиер Владимир Путин и чешкиот премиер Мирек Тополанек.

Портпаролот на рускиот премиер Владимир Путин, денеска изјави дека Русија и ЕУ постигнале „целосна согласност“ во врска со испраќањето набљудувачи во Украина.

Во мисијата мора да има и руски набљудувачи

Symbolbild Gasstreit
Спорот со гасот не е без политичка заднина - Путин и Јушченко имаат неколку нерасчистени сметкиФотографија: AP/DW Fotomontage: Albrecht Schrader

Еден од условите на Русија за решавање на спорот околу гасот беше во Украина да дојдат и руски набљудувачи, покрај оние што ќе ги испрати ЕУ. По првичното одбивање на ваквиот услов, денеска Украина се согласи со ова и се очекува набљудувачката мисија веќе денеска да отпатува во Киев. Валентин Землијански, портпарол на украинскиот „Нафтогас“, изјави дека европските набљудувачи, заедно со руските, ќе го прегледуваат протокот на гас низ украинскиот гасовод, за да проверат дали навистина Украина „краде“ дел од него, како што ја обвинува Русија.

Киев претходно го потпиша договорот со Европската комисија, со кој ги повикува независните експерти да дојдат во земјата. Портпаролот на Европската комисија, Јоханес Лајтенберг, изјави дека ЕУ не сака да испрати набљудувачи кои ќе констатираат дека ништо не се менува. „Сакаме да видиме дека работите се менуваат и оти повторно ќе се воспостави испораката на гас“, изјави Лајтенберг.

Главниот проблем останува

Gasstreit In Serbien heizen die Menschen wieder mit Holz
Може и без гас - особено Балканот немаше проблем со цепење дрваФотографија: AP

Сепак, она што останува нерешено е, всушност, основната причина поради што се појави проблемот - Русија и Украина со недели се препираат околу украинските долгови, како и за цената на гасот. Претседавачот на Комисијата за надворешни работи на руската Дума, Константин Косатчев, по преговорите во Брисел изјави дека руската страна добила впечаток дека украинската делегација во Брисел не била сосема самостојна: „Се чинеше дека нивното однесување е под политичко влијание на Киев, со цел проблемот да се исполитизира колку што е можно подолго. Ако руските и украинските експерти уште на почетокот седнеа на преговарачка маса, договорот ќе беше постигнат многу порано“, смета Косатчев.

Рускиот нафтен монопол „Гаспром“ му префрла на украинскиот „Нафтогас“ дека „краде од гасот наменет за европските држави“, обвинување што Украина го одби. Како резултат на ваквите долгорочни проблеми, Русија го запре испорачувањето гас кон Украина на први јануари, а во средата целосно ги затвори вентилите, оставајќи милиони жители во централна и јужна Европа без гас, на температури од неколку степени под нулата.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема