1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исполитизирани процеси против Муслиманските браќа

Маркус Симанк/ Симе Недевски29 октомври 2013

Десетици челници на Муслиманското братство во Египет треба да бидат изведени пред суд. Експертите сметаат дека обвиненијата и судењата се нетранспарентни и бараат покренување на процесот на помирување.

https://p.dw.com/p/1A7Rh
Фотографија: Gianluigi Guercia/AFP/Getty Images

Муслиманските браќа се наоѓаат по најголем притисок во својата 85-годишна историја. Повеќе од 2000 припадници на оваа организација се наоѓаат в затвор, против десетици нејзини функционери и членови се покренати обвиненија по разни основи, од корупција преку повик за убиство до велепредавство. Пред еден месец суд во Каиро веќе наложи оваа организација да биде распуштена. Сега државата се пресметува со поранешното раководство на Муслиманските браќа. Денеска (29.10) пред суд ќе се појават лидерот на организацијата Мохамед Бади, нејзниот главен стратег Хајрат ал Шатер како и други обвинети. Поранешниот претседател Мохамед Мурси, кому му се подготвуваат повеќе судски процеси, за првпат треба да се појави пред суд на 4 ноември. Процесот против членовите на Муслиманското братство формално започна уште во август, но беше одложен за крајот на октомври, откако Мохамед Бади, двајца негови заменици и уште еден обвинет не присуствуваа на почетокот на судењето.

Десетици судења

Листата на обвинувања со која се соочени поранешните функционери на Муслиманското братство е долга. Притоа поранешниот претседател Мурси се товари за тоа дека избегал од затвор во близина на Каиро за време на револуцијата во 2011 година. Државното обвинителство го обвинува дека заедно со палестинското движење Хамас ковал заговор против Египет. Но, најнапред нему ќе му се суди по обвинувањата дека за време на масовните протести во 2012 година наредил примена на сила против демонстрантите. И голем број други членови на неговата организација се обвинети за отворено повикување на убивање и илегално поседување на оружје. Набљудувачите говорат за најмалку десет судски процеси и стотици обвинети. Многумина од оние кои ќе бидат прогласени за виновни, ќе мораат да стравуваат и од смртна казна.

Ägypten Muslimbrüder Mursi Anhänger
Фотографија: picture-alliance/AP

Граѓаните на Египет стравуваат дека овие судења би можеле да доведат до нови крвави улични судири меѓу приврзениците на Мурси и Муслиманското братство од една и силите за безбедност од друга страна. И покрај тоа политикологот од истражувачкиот институт „Центар Ал Ахрам“, Хасан Абу Талеб смета дека би било исправно закажаните судења да започнат на време. „ Ако државата одлучи да ги запре судењата, тоа би значело дека Муслиманските браќа имаат успех со својата тактика на уценување. Тоа би бил јасен знак на слабост на владата.“

Исполитизирани процеси

Припадниците на Муслиманското братство предупредуваат дека овие судења ќе бидат само политички театар, а со тоа мислење се согласуваат и активистите за човекови права во Египет. Тие ги критикуваат обвинителните акти кои се составени на начин кој наведува на заклучок дека Муслиманските браќа се меѓународна терористичка организација. Тие сметаат дека на обвинетите не им е гарантирана законска правна помош. Еден адвокат кој би требало да го брани Мурси, по заканите избегал во странство. Повеќе други адвокати од опкружувањето на таа организација се наоѓаат зад решетки.

Во процесите против Муслиманските браќа, бројот на обвинети е поголем отколку во судењата на припадниците на режимот на поранешниот египетски претседател Хосни Мубарак. Набљудувачите сметаат дека судењата на припадниците на Муслиманското братство ќе служат само за политички цели. Адвокатот Ахмед Усман на тоа гледа како на правно продолжение на борбата за власт меѓу армијата и исламистите: „Овие судења во голем дел се оддржуваат само поради одмазда. Тука имаме една група која сака да дојде на власт и друга која сака да ја уништи првата.“.

Ägypten Muslimbrüder Mursi Flagge Fahne Demonstration
Фотографија: Awad Awad/AFP/Getty Images

Барања за преодно правосудство

Усман уште смета дека и правосудството во случајот со Муслиманското братство не постапува транспарентно. Досега не е објавено ни каде ќе се одржат судењата, ниту дали на нив ќе смеат да присуствуваат новинари и набљудувачи. И противниците и пријателите на Муслиманското братство се согласуваат во оценката дека овие судења нема да имаат значаен придонес кон можното помирување меѓу двата спротиставени политички табори. Активистите затоа одамна бараат воспоставување на преодно правосудство по примерот на земјите од Латинска Америка. Тоа би се погрижило за независен пристап кон злосторствата сторени како за време на ерата на Мубарак, така и за време на воената диктатура и на режимот на Мурси.

Хасан Абу Талеб, кој е приврзеник на таквиот модел вели: „Таа комисија би била одговорна за составување и донесување на специјален закон со кој би биле регулирани чекорите кои би требало да се направат во процесот на помирување.“ Новата влада во јули навистина именуваше министер за преодно правосудство и национално помирување. Но неговите задачи до денес не се дефинирани.