1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Испит на зрелоста за односите меѓу Москва и Берлин

Рихард Фукс/Б. Георгиевски28 март 2013

Германската влада ја осуди рацијата која руските власти ја спроведоа во канцелариите на германските политички фондации во Москва и Санкт Петерсбург. Штетата за билатералните односи допрва ќе се мери.

https://p.dw.com/p/185Ma
Фотографија: picture alliance/dpa

Берлин го заостри тонот во однос на Русија во спорот околу рациите во седиштата на германските политички фондации. Министерството за надворешни работи во вторникот воздржано ги коментираше акциите, но владиниот портпарол Штефен Зајберт беше подиректен,

„Нашите фондации и нивните партнери од руското цивилни општество многу придонесуваат за развојот на германско-руските односи. Мерките кои наштетуваат на нивната работа или дури и ја криминализираат, им нанесуваат штета на нашите односи“, рече Зајберт.

Службеници на руското обвинителство ги претресуваа седиштата на фондацијата Конрад Аденауер во Санкт Петерсбург и на Фридрих Еберт во Москва.

Зајберт рече дека германската влада бара брзо образложение за овие акти од Москва.

„Очекуваме дека нашите фондации ќе можат да ја продолжат својата работа“.

Русија е единствена земја во светот во која сите шест германски политички фондации имаат своите канцеларии. Веднаш по рациите, германското МНР ги повика на консултации претставниците на фондациите, додека рускиот амбасадор во земјата беше поканет на состанок во канцеларијата на германската канцеларка. Детали од разговорите не беа соопштени.

Во вторникот во просториите на фондацијата Конрад Аденауер (КАС) во Санкт Петерсбург повторно се појавиле претставници на руското обвинителство. Биле запленети неколку компјутери со оправдание дека треба да се проверат лиценците за инсталираниот софтвер. Претседателот на КАС Ханс Герт Петеринг во интервју за ДВ изјави дека постапките на руските власти се алармантни.

„Странски агенти“

Судејќи според пишувањето на локалните медиуми, руските власти веќе извесен период спроведуваат концентрирана акција за контрола на стотици невладини организации. На листата се и најголемата руска организација за заштита на човековите права „Мемориал“, како и локалните канцеларии на Хелсиншкиот комитет и на Амнести Интернешнл.

Merkel und Putin in Berlin Archivbild Juni 2012
Германската канцеларка Ангела Меркел и рускиот претседател Владимир ПутинФотографија: picture-alliance/dpa

Во Русија минатата година стапи во сила новиот закон со кој организациите, кои добиваат финансиска помош од странство треба да се регистрираат како „странски агенти“.

Според најавата од портпаролот на германската влада, канцеларката Меркел планира директно да разговара за оваа тема со рускиот претседател Владимир Путин. На почетокот на април двајцата ќе присуствуваат на отворањето на индустрискиот саем во Хановер, чиј почесен домаќин годинава е токму Русија. Средбата не се доведува во прашање поради најновите случувања, а германската канцеларка, според нејзиниот кабинет, и натаму смета дека рускиот претседател треба да го отвори саемот на кој ќе присуствуваат 6.500 излагачи.