1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исламскиот свет се дистанцира од Сирија

СН/АМ/афп/ртр/миа16 август 2012

Организацијата за исламска соработка одлучи да го прифати предлогот за замрзнување на членството на Сирија во организацијата.

https://p.dw.com/p/15qRo
Фотографија: AP

Организацијата за исламска соработка на самитот во Мека, Саудиска Арабија, донесе одлука за привремено исклучување на Сирија од своите редови. Во организацијата членуваат 56 држави и палестинските автономни власти. За донесување на одлука за замрзнување на членството на некоја држава е потребно двотретинско мнозинство.

Суспендирањето на Сирија беше образложено со насилното постапување на сирискиот претседател Башар ал Асад против бунтовниците во неговата земја. Во завршната декларација се истакнува и неуспехот на планот од шест точки на ОН и Арапската лига, кој беше изработен со посредство на Кофи Анан. Учесниците на средбата во Мека изразија длабока загриженост од масовните убиства и нечовечките дејствија, насочени кон сирискиот народ. Тие се согласија за „неопходноста од неодложно ставање крај на насилството во Сирија“.

ARCHIVBILD OIC Generalsekretär Ekmeleddin Ihsanoglu
Генералниот секретар на Исламската организација за соработка Екмеледин ИсаноглуФотографија: Getty Images/AFP

Жестока дискусија

Инаку пред гласањето за завршната декларација зад затворени врати се одвивала жестока дебата меѓи приврзениците и противниците на предлогот за суспендирање на членството на Сирија. Најактивно против предлогот реагирал главниот сојузник на Сирија, Иран, кој во Мека бил претставуван од претседателот Махмуд Ахмадинеџад, како и Алжир, изјавија дипломатски извори за светските новински агенции.

Генералниот секретар на ОИС Екмеледин Исаноглу ја оцени одлуката за замрзнување на членството како „силна порака, испратена од муслиманскиот свет до сирискиот режим“. Тој истакна дека не забележал на форумот голема поддршка за идејата за надворешна интервенција во Сирија.

Замрзнувањето на членството на Сирија во ОИС ќе ја зајакне изолацијата на сирискиот режим. Арапската лига веќе го замрзна членството на Дамаск во ноември минатата година во знак на протест против употребата на сила против опозицијата.