Исламисти уништуваат гробници во Тимбукту
10 јули 2012Исламистичките бунтовници продолжија со уништување на повеќе векови старите објекти во пустинскиот град Тимбукту во Мали. Според очевидци, денеска тие почнале да уништуваат гробови на најголемата џамија во градот. „Тие ќе уништат два мавзолеја на најголемата џамија“, вели еден очевидец. Друг очевидец вели дека исламистите стрелале во воздух, за да ги протереаат љубопитните. Очевидците велат и дека бунтовниците ги уништувале гробовите кои биле направени со карактеристичната глинена архитектура, со длабење.
Исламистите кои владејат во регионите на северот на Мали на крајот на јуни започнаа да уништуваат објекти кои се вбројуваат во светското културно наследство.
На крајот на јуни членови на исламистичката бунтовничка група „Ансар Дине“ веќе урнаа седум од вкупно 16 мавзолеи во пустинскиот град и најавија дека ќе уништуваат натамошни споменици „без исклучок“. Пред една недела тие уништија и една врата на Сирди Јахја џамијата. Според локалното верување отворањето на оваа врата носи несреќа.
Исламистите сметаат дека обожувањето на светци е спротивно на исламот, и верниците треба да веруваат само во Алах. Светците меѓутоа играат голема улога во верата на населението како заштитници на градот.
Исто како и светите гробови и трите големи џамии во Тимбукту потекнуваат од најплодниот периодот на градот од 14. до 16. век, кога тој беше важен крстопат и центар на исламските учени лица. Од 1988 година градбите се прогласени за светско културно наследство.