1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исламисти планирале минирање на американска амбасада

ЖА/дв/дапд/ртре/афп28 октомври 2012

Полицијата во Индонезија уапси 11 членови на осомничена терористичка група , припадници на нова милитантна организација кои планирале напади врз повеќе американски институции.

https://p.dw.com/p/16YLy
Фотографија: AFP/Getty Images

Безбедносните сили кај осомничените заплениле експлозив, упатство за правење бомби и видеа од напади врз муслиманите во цел свет. Материјалот бил сокриен на различни места во Индонезија. Единаесеттемина уапсени планирале напади врз повеќе цели, меѓу кои и американската амбасада во Џакарта, зграда во близина на австралиската амбасада во Џакарта, во која се деловните простории на американскиот концерн Фрипорт-МекРоРан и американскиот конзулат во градот Сурабаја, соопшти претставник на полицијата.

Мала терористичка група

Антитерористичките единици на Индонезија осомничените ги уапсиле во петокот (26.10) и вчера (27.10) во четири провинции. Тие припаѓаат на нова група, која се нарекува Хараках Суни за индонезиското општество. Запленетиот материјал води до заклучок дека групата била подготвена да изврши терористички напади, тврди полицијата. Од кругови на истрагата се дознава дека водачот на групата е симпатизер на познатата терористичка организација Џема Исламија.

Jakarta Indonesien Festnahme Terrorist Razzia Sondereinsatzkommando Polizei
Апсење на дел од осомниченитеФотографија: Reuters

Индонезиската антитерористичка политика дава резултати

Екстремистичката група Џема Исламија во 2000-та година изврши повеќе атентати во Индонезија, меѓу кои и бомбашкиот напад на островот Бали во 2002. година, во кој беа убиени повеќе од 200 луѓе, претежно странски туристи. Од 2009-та година меѓутоа, не се извршени напади. Експертите претпоставуваат дека тоа е резултат на антитерористичката политика на индонезиската влада и слабеењето на организацијата. Но, во меѓувреме нараснаа помали групи како Хараках Суни, кои го тероризираат и сопствениот народ.

На притисок на исламистите во провинцијата Аче на островот Суматра пред неколку дена индонезиските власти затворија повеќе христијански цркви и будистички храмови, поради наводно непоседување никаква дозвола. Во Аче од 2001. година владее шеријатското право, додека во остатокот од земјата луѓето припаѓаат претежно на поумерен ислам.