Исламистичките единици се повлекуваат од Могадишу
28 декември 2006Крај на битиките, но не и крај на војната. Во Сомалија судирите денеска изутрина добија неочекуван пресврт. Исламистичките трупи очигледно без борба имаат намера да се повлечат од Могадишу. Нивниот водач, шеикот Шариф Ахмед, за телевизијата Ал Џезира изјави дека неговите единици го напуштаат градот. Сепак изутрината можеа да се слушнат поединечни престрелки. Етиопските тенкови и војниците на преодната влада вчера беа на 30 километри од Могадишу со закана да го опколат, како што изјави амбасадорот на преодната влада во Етиопија, Абделкарин Фарах, уште пред да биде објавено повлекувањето на исламистите:
"Могадишу е главен град на Сомалија и цел на владата е да го освои. Како ќе постапуваме потоа е друг проблем. Тоа е во рацете на армијата“.
Сега овој проблем, со повлекувањето на исламистичките трупи, е решен. Сепак, можат да се појават други, зашто не е јасно каде се повлекуваат овие трупи. Секако не кон бреговите на Индискиот океан. Посматрачите сметаат дека тие ќе се разделат и потоа ќе започнат герилска војна.
Инаку, по неколку часа можно е војниците на преодната влада да влезат во Могадишу, изјави изутрината нејзиниот портпарол Абдирхаман Динари. “Тие испарија во воздухот“ изјави тој мислејки на водачите на исламистичките трупи. Војниците на владата, веќе ги контролираат двете најважни конторлни точки надвор од Могадишу.