1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исламистите слават победа на уставниот референдум

ЖА/дв/дпа/ртре23 декември 2012

Египќаните го усвоиле новиот устав кој носи печат на исламистите. Според партијата Муслимански браќа, но и според медиумите, околу 64 проценти од гласачите се изјасниле за предлог-уставот.

https://p.dw.com/p/178Be
Фотографија: Reuters

Според првите податоци соопштени синоќа по затворањето на избирачките места, граѓаните на Египет го прифатиле предлогот за нов устав кој го понудија исламистите на претседателот Мохамед Мурси, и покрај острите критики од опозицијата.

Официјален претставник на партијата Муслимански браќа, која го поддржува исламистичкиот шеф на државата, изјави дека по вчерашната долга и завршна фаза од гласањето на референдумот врз основа на преброените речиси четири милиони гласови, 64 отсто се за поддршка на новиот устав.

И податоците на опозицискиот Фронт за национален спас покажуваат дека граѓаните гласале за донесување на уставот.

Според првичните резултати по првата фаза, за уставот гласале 56 отсто од избирачите, при излезност од 30 проценти.

Аналитичарите предвидоа дека вчера, како и минатата сабота, најголем број од избирачите ќе гласаат за новиот устав, составен од исламистичките движења во Парламентот, имајќи предвид дека останатите 17 провинции се’ уште поконзервативни и поприврзани за исламистичкото движење Муслимански браќа на Мурси.

Официјалните резултати од гласањето веројатно нема да бидат објавени до утре, поради можноста за поднесување жалби.

Ägypten Referendum Auszählung
Фотографија: AP

Како и пред една недела, и сега опозицијата и набљудувачите на изборите јавуваат за бројни неправилности при гласањето и инциденти. Некои гласачки места биле отворени подоцна, имало неправилности во избирачкиот список. Младинското движење 6. април тврди дека во некои региони исламистите ги принудувале гласачите да се изјаснат за уставот, а во градот Дамиета дури биле нудени и пари за тоа.

Приврзаниците на Мурси сметаат дека уставот е клучен за развој на демократијата, две години по „Арапската пролет“ и соборувањето од власт на Хосни Мубарак, како и за зајакнување на економијата. Од друга страна, опозицијата го обвинува Мурси дека со ваков устав ги фаворизира исламистите, а ги игнорира правата на христијаните кои сочинуваат околу 10 отсто од населението, како и правата на жените.

Усвојувањето на уставот е предуслов за избор на нов парламент. По стапувањето во сила на новиот устав, изборите треба да следат во рок од два месеца.