101111 Fahrradkuriere Griechenland
21 декември 2011Тукушто е примен нов налог. 34-годишниот Харис мора веднаш да пренесе пакет од атинскиот кварт Маруси во Агиа Параскеви. За 40 минути треба да биде кај муштеријата. Важна е брзината, пред се‘ - точноста. Харис, заедно со четворица пријатели, ја основал првата фирма за разнесување пратки со велосипед во Грција:
„Добивам налози и ги разнесувам пратките. Секогаш знам кој каде е. Така, секој нов налог е доделен на вистинскиот соработник.“
Фирмата е со седиште во Дафни, кварт кој не е далеку од центарот на Атина. Едноставен апартман и петмина разнесувачи е она што го има претпријатието на петтемина млади луѓе. Покрај Харис, тука е и 23-годишниот наставник по спорт Михалис, 19-годишниот студент по уметност Николас, 19-годишниот Андреас, како и 24-годишниот студент по графички дизајн Кристијан. Во екот на финансиската криза се решиле да го пrетворат своето хоби во професија:
„Мислам дека одлуката пред една година беше вистинска. Имавме, се разбира, големи очекувања, но не се откажувам. Нема да го променам занимањето. За повеќе луѓе да дознаат за нас, потребно е повеќе време“, вели Кристијан.
Да се биде разнесувач на пратки на велосипед во Атина е невообичаено. Велоспиедистите и не се составен дел од сликата од атинските улици. Велсипедистите поради сообраќајната турканица живеат oпасно, а и речиси да нема велосипедски патеки. Поради финансиската криза сега и високите цени на безнинот, која стигна до над 1,80 евра за литар, во меѓувреме, меѓутоа, се‘ повеќе Грци знаат да ги ценат предностите на велосипедот. Така и разнесувачите на велосипед се се‘ повеќе барани:
„Нашите муштерии се од различен профил. Имаме големи меѓународни фирми, како и приватни лица, но и мали графички студија или адвокатски канцеларии“, објаснува Харис.
Петтемина млади работат од 9 до 18 часот, од понеделник до петок. Во сабота не примаат налози, туку само разнесуваат. Секој од нив, во просек, минува 50 до 60 километри дневно. Има денови во кои не извозуваат ниту еден единствен километар, но и такви во кои низ градот минуваат по 80 километри. Притоа, не транспортираат само писма.
„За еден курир на велосипед е невообичаено да разнесува друго освен писма. Денеска транспортирав ќебе, а веќе сум разнесувал мантили, перници, како и букет цвеќе со предлог за венчање“, раскажува Кристијан.
За во Грција да се основа фирма во ваква ситуација, треба да се биде навистина храбар. Најголемиот дел од младите кои се квалификувани, сакаат да заминат во странство. Невработеноста во земјата е голема. Во случајот на Кристијан е поинаку. Неговата мајка е Англичанка. Кристијан студирал графички дизајн во Лондон, но и покрај сите тешкотии во кои се наоѓа Грција, вели дека сакал да се врати во татковината:
„Ме привлекуваат малите нешта, како доброто време, плажите, планините, природата, но и грчката култура. Се разбира дека стравувам за економската иднина на Грција, но не можеме да направиме повеќе од она што веќе го правиме.“
Автор: Марија Ригутсу / Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Ж. Ацеска