1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Искривено новинарско огледало

20 октомври 2010

Падот на Македонија според слободата на медиумите од 34 места не е изненадувачки, но е аларм за целокупното општество, реагира фелата на денеска објавениот извештај на организацијата Репортери без граници.

https://p.dw.com/p/Pj2Y
Новинарството во Македонија-девалвирана професијаФотографија: AP

Соговорниците на Дојче веле се загрижени бидејќи сите се свесни за состојбата, но никој не нуди решение.

„Сето она што го дискутираме е на ниво на поставување на дијагноза но никој не нуди терапија“, вели Билјана Петковска од Македонскиот институт за медиуми.

Новинарствтото во Македонија е крајно девалвирана професија во последните години. Дали е допрено дното, со оглед на постојаниот пад според слободата на медимите.

„Барањето на дното е оптимистичка варијанта. Всушност нема дно. Многу сме креативни во изнаоѓање на нови видови на паѓање на професијата“, објаснува Тамара Чаусидис, од неформалната група „Прво новинарско востание“.

Контрола на медиумите

Падот на Македонија годинава е рекорден. Во извештајот се наведува дека балканските земји предизвикуваат загриженост.

Контролата на јавните и приватните медиуми преку калкулираната употреба на маркетиншкиот буџет и тајната соработка меѓу политичката и судската власт ја отежнува работата на новинарите, се наведува во извештајот.

Reporters without borders Logo

Според Роберто Беличанец од Центарот за развој на медуимите, Репортери без граници ја смениле методологијата, состојбата годинава не е воопшто полоша од претходната година.

„Медиумите се огледало на целокупниот демократски капацитет. Ако јавноста не се потресува околу притисоците врз медиумите, ако самите новинари ги прифаќаат условите во кои работат, ситуацијата е таква“.

Сите се согласни дека акцијата за подобрување на состојбите треба да ја иницираат новинарите, а јавноста да биде нивниот најголем сојузник во битката за освојување на слободата, враќање на професионалноста и достоинството на професијата. Дотогаш новинарството ќе тоне барајќи го дното, меѓународниот фактор ќе бележи минуси, но најголеми губитници од сето тоа ќе бидат јавноста и државата.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска