1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ирска побара спас од ЕУ

22 ноември 2010

Министрите за финансии на ЕУ се согласија да го финансираат огромниот буџетски дефицит на Ирска, прва членка на Унијата што ќе го користи новиот фонд за спас. Експертите стравуваат дека и други земји ќе побараат помош.

https://p.dw.com/p/QExr
Фотографија: picture alliance/dpa

Министрите за финансии на ЕУ се согласија да испратат пакет финансиска помош вреден близу 100 милијарди евра, откако ирската Влада соопшти дека е подготвена да бара средства од Унијата и од ММФ за да ја покрие огромната буџетска дупка и да го спаси банкарскиот сектор.

„Можам да потврдам дека одлучивме Ирска да побара финансиска помош од ЕУ. Европските власти го прифатија нашето барање. Сега ќе следува процес на формални преговори врз основа на програмата која беше договорена од владата на разговорите со Европската комисија и ММФ. Очекувам договорот да биде финализиран во следните две недели“, изјави ирскиот премиер Брајан Коуен.

Irland Premierminister Brian Cowen
Премиерот Брајан КоуенФотографија: AP

Според Коуен, постојат два клучни елементи на планот за санација. Ирскиот банкарски сектор ќе претрпи драстично намалување, а буџетскиот дефицит во земјата ќе се намалува со зголемување на даноците и намалување на трошоците.

Финансискиот пакет за првпат ќе биде финансиран од Европскиот финансиски стабилизирачки механизам, но веројатно ќе биде придружен и од биталерални заеми од одредени европски држави, во прв ред Велика Британија и Шведска.

Строги услови за надминување на кризата

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле изјави дека условите за помошта ќе бидат остри, што ќе помогне да се реши проблемот во Ирска.

Буџетскиот дефицит на Ирска годинава ќе достигне огромни 32 проценти, десетпати повеќе од утврдените три отсто во рамките на Унијата. Причина за драматичната криза во Ирска е крахот на банкарскиот сектор кој во годините на економскиот подем и бумот со недвижностите во земјата, делеше кредити без покритие.

Euro Geld Irland
Фотографија: Fotolia/Stephen Finn

„На ирскиот народ можам само да му порачам дека не смееме да го потцениме нивото на нашите економски проблеми, но мораме да имаме доверба во нашата способност да застанеме на нозе и да тргнеме напред“, порача ирскиот премиер Коуен.

Се’ поизвесно е дека земјата набрзо ја очекуваат и нови избори, откако не само опозицијата, туку и високи функционери на владејачката партија Фиана Фејл, побараа оставка од премиерот Коуен. Експертите, пак, стравуваат дека по Грција и Ирска, уште членки на Унијата се подготвуваат да побараат помош. Прва следна на листата е Португалија, а по неа најверојатно, за помош ќе се обрати и Шпанија.

Автор: БГ/АТ/дв

Редактор: Александра Трајковска