Ирска во нафтена треска
27 ноември 2012До 1,6 милијарди барели пред извесно време беа откриени во нафтено наоѓалиште во Ирското море. Не се радуваат на розовата иднина само нафтените компании како „Провиденс“. Многумина се надеваат дека нафтениот бум ќе и’ помогне на финансиски ослабената ирска влада повторно да застане на нозе.
„Mожно e да се извадат до 10 милијарди барели нафта, главно западно од Ирска, каде речиси и да не се буши. Тоа би можело да и’ помогне на Ирска да излезе од сегашната криза“, вели Џон О’Саливен, технички директор во „Провиденс ресоурсес“.
Но, не сите Ирци се во нафтена треска. Фил и Стивен живеат на брегот и со Дојче веле патуваат кон островот Далкеј – природен резерват во заливот пред Даблин. И тука, на оддалеченост од шест километри, „Провиденс“ сака да вади нафта. Екологистите стравуваат дека протекувањето би можело да предизвика катастрофа.
„Ние сме многу загрижени, поради различни причини. Ова овде не е добро место за нафтена платформа. Дури и ако се’ е безбедно, во случај нешто да се случи и ако тогаш ветрот тргне во погрешен правец, тогаш целиов залив ќе биде уништен за два часа“, вели локалниот жител Стивен Вард.
Не се скептични за нафтениот бум само екологистите. Критичарите ја напаѓаат владата за систематско распродавање на ирските природни ресурси. Нафтените компании добиваат речиси се’, а само скромни 25 проценти од добивката завршуваат во државата, ако таа воопшто и нешто добие, затоа што компаниите можат за 25 години да ги побараат назад трошоците за истражувања. Во најлош случај Ирска добива малку од своите нафтени резерви. Уникатен случај во светот. Норвешка бара 70 проценти од профитот на нафтените компании, без пресметковни трикови. Активистите како Вилијам Хедерман бараат нови договори за лиценци.
„Владата дава се’ повеќе лиценци за вадење нафта, се’ повеќе нашите ресурси се раздаваат, а потоа промени не се воопшто можни. Ние мораме ова веднаш да го запреме, да не даваме повеќе лиценци, туку најпрво да ги промениме условите, така што државата да добива поголемо влијание и поголем дел од добивката“, вели екологистот Вилијам Хедерман.
Прашање е дали нафтата може да и’ помогне на земјата да излезе од кризата, бидејќи може да потрае уште неколку години пред профитите од нафтените платформи да почнат да извираат. И додека Ирска ги распродава природните ресурси, се чини дека нафтената треска ќе заврши со мамурлак.