1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ИРА прогласи мир

29 јули 2005

Коментар на Уте Шефер

https://p.dw.com/p/AcDe

Од вчера попладне во 16 часот во Велика Британија заврши една граѓанска војна што однесе преку 3 илјади и 600 животи. Ирската републиканска армија најде јасни зборови, појасни од кога и да е. Од сите членови се бара да го положат оружјето и во иднина да користат политички средства за постигнување на своите цели.

Реакциите се простираат од олеснување до скепса. Обете се оправдани. Британскиот премиер Тони Блер и неговиот ирски колега Берти Ахерн со задршка: ова може да биде историски развој ако следат докажани акции, изјави Ахерн. А, Блер во зборовите на признание ја внесе и забелешката: сега барем постои надеж за завршување на насилството. Еуфоријата звучи поинаку.

Една од причините за скепса се вика Иан Пејсли, шеф на радикалната Демократска унионистичка партија. Тој не само што е најлутиот противник на ИРА и на нејзиното политичко крило Шин Фејн, туку од последните регионални избори и најмоќниот протестантски политичар во Северна Ирска. Неговата реакција на понудата за мир од ИРА, како и од другите протестантски политичари полни со сомнеж: многу често ИРА ветуваше разоружување, а малку правеше, па затоа најнапред мора да има докази за тоа. И не беше спомнато ништо за криминалните активности на ИРА. Станува збор за убиства, грабежи на банки, шверц на дроги и брутално казнување на наводно нелојалните приврзеници на ИРА и нивните семејства. Токму ваквиот вид активности до тој степен ја поткопаа поддршката во Северна Ирска што како последен излез остана само уште соопштението за мир. Како и да е, понудата за мир на раководството на ИРА е веродостојна, но довебрата во организацијата е многу мала. Освен тоа остануваат неодговорени многу прашања. Ако ИРА своите цели ги следи само политички, што ќе се случи со нејзиното политичко крило Шин Фејн? Како ќе изгледа политичкиот персонал? Дали бившите терористи ќе мутираат во партиски лидери и како ќе живее Северна Ирска со тоа? Сепак, прво треба да се покаже како ќе излезат на крај со новата ситуација протестантските партии. Тие сите сакаат Северна Ирска и натаму да и припаѓа на Велика Британија. Цел на ИРА и на Шин Фејн е обединување со Република Ирска. Според сегашните односи Присли би морал да формира регионална влада со шефот на Шин Фејн, Гери Адамс, за Северна Ирска да може да се врати кон автономниот статус. Тоа сигурно изгледа илузорно. Но, и Присли е притиснат до ѕид: првата автономна влада пропадна зашто ИРА во никој случај не сакаше да го положи оружјето. Ако сега го направи тоа, Присли ќе нема објаснување за натамошна блокада. Разоружувањето затоа треба бргу да се одвива, толку бргу што за потпалувачите на оган од обете страни да не остане време. Тогаш 28 јули 2005 е вистинска шанса да влезе во историјата како ден кога мирот ја смени војната, како што посака Тони Блер.

Уте Шефер