1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран ја прекинува потрагата по преживеани од земјотресот

ЖА/дв/дпа/афп/ртре12 август 2012

Иранското министерство за внатрешни работи го коригираше надолу бројот на загинатите и повредените во земјотресот - 227 жртви и 1400 повредени. Тоа е во спротивност со локалните извештаи.

https://p.dw.com/p/15oMa
Фотографија: Reuters

И покрај официјалното соопштение од иранскиот министер за внатрешни работи Мустафа Мохамед-Најар, се‘ уште е нејасно колку луѓе загинаа во земјотресот во северозападниот дел од земјата. Локалните извештаи од погодените населби даваат поголем број отколку оној од министерството. Регионалната служба за заштита од катастрофи претходно објави за најмалку 250 загинати и повеќе од две илјади повредени.

„Потрагата е завршена, сега се обидуваме да им помогнеме на преживеаните“, изјавил Мохамед-Најар.

Во подрачјето погодено од земјотресот околу градот Табриз спасувачките екипи трескавично бараа преживеани. Луѓето копаа со голи раце, гласат потресните приказни на очевидци.

Erdbeben Iran
Фотографија: Reuters

Ангажирани биле бројни спасувачки тимови и дресирани кучиња. Цели села се отсечени од надворешниот свет. Половината од околу 600 села во погодениот регион се комплетно или делумно уништени.

Според податоците на Сеизмолошкиот институт на универзиттеот во Техеран, главниот удар на потресот, кој се случи вчера попладнето (11.08.2012), имал сила од 6,2 степени според Рихтер. Епицентарот се наоѓа околу 60 километри од градот Табриз. Само 11 минути по првиот земјотрес, следел втор со јачина од 6 степени, а потоа во краткотрајни временски интервали серија помали потреси.

Сместувалишта за бездомниците

Меѓу жителите на 1,5 милионскиот град Табриз избила паника. Могу од нив набрзина бегале од разнишаните домови надвор, на отворено. Во регионот е во прекин телефонскиот сообраќај, а пожарникарите јавуваат и за распад на мрежата на електрична енергија на големи површини. Илјадници луѓе плашејќи се од нови потреси на земјиштето ноќта ја поминале на отворено. Иранската Црвена полумесечина во еден стадион подигна згрижувачки логор за 16 илјади луѓе, како што јавува агенцијата Фарс. Веќе се ставени на располагање и околу три илјади шатори. Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад им изрази сочувство на луѓето во погодениот регион, истовремено повикувајќи ги локалните власти да ги преземат сите можни чекори за помош на засегнатото население.

Erdbeben Iran
Фотографија: picture-alliance/dpa

И германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле во својата телеграма на својот ресорен колега Али Акбар Салехи му понуди германска помош.

„Ви пренесувам најдлабоко сочувство за луѓето кои во светиот месец Рамазан ги загубија најблиските“, пишува во пораката на Вестервеле, која ја пренесува Министерството во Берлин.

Во Иран често се случуваат земјотреси, зашто се наоѓа на неколку земјени раседи. Посебно силен земјотрес имаше во декември 2003-та година, кога во југоисточниот дел од земјата загинаа повеќе од 25 илјади луѓе.