1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран сепак нема програма за развој на атомско оружје!

4 декември 2007

Тајните служби на САД во најновиот извештај го демантираат она што го тврдеше со години претседателот Буш, а и самите тие. Ризикот останува, но нема непосредна опасност, ниту закана за догледно време.

https://p.dw.com/p/CWa7
Ирански атомски постројки во ИсфаханФотографија: AP

Јавноста, барем американската, не може да си верува на очите по најновиот извештај на тамошните тајни служби: одненадеж испаѓа дека Иран уште во 2003-та година ја запрел програмата за производство на атомско оружје и веќе воопшто нема такви стремежи. Сето тоа било последица на меѓународниот притисок, велат сега тајните служби, иако пред две години тврдеа дека програмата се реализира со полна пареа и оти Иран нема да потклекне пред никаков дипломатски притисок.

Новиот извештај на американските тајни служби е во целосна спротивност со досегашните тврдења на американската влада за големата закана што произлегува од иранската атомска програма. Дури, според сознанијата до кои дошол публицистот Сејмур Херш, носител на Пулицеровата награда, претседателот Џорџ Буш подготвил и планови за војна против Иран.

Уште во октомври годинава Буш со маркантни зборови предупреди дека кој сака да спречи атомска војна, мора да го запре Иран да не гради атомски бомби: „Да, верувам дека тие сакаат да градат атомска бомба и од интерес за светот е да бидат спречени во тоа“ - зборуваше Буш пред само седум недели. Сега вистината која произлегува од заедничкиот извештај на сите 16 американски тајни служби одеднаш изгледа сосем поинаку.

Ризик произлегува од програмата за облагородување на ураниум

Стивен Хедли, советник за безбедносни прашања во кабинетот на претседателот Буш, сепак не гледа противречност: „Претседателот се обиде да го освести светот дека мораме да го зголемиме притисокот врз Иран за да се откаже од програмата за облагородување на уран. И, тоа се’ уште важи, оти таа програма е пат за добивање материјал од кого може да се гради атомско оружје“.

Но, Иран облагородувањето го врши за мирољубиво користење на атомската енергија. И, дури и да работи врз атомско оружје, веројатно не би можел да го има пред 2015-та година, проценуваат тајните служби. Ризик останува, но има и надеж дека проблемот може да се реши по дипломатски пат и без примена на сила.

С. Мир Хашеми