1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран подготвен и за воена опција во атомскиот спор

Улрих Пик26 февруари 2007

Но, не се сите во таа земја толку бескомпромисни, колкку актуелниот претседател Ахмадинеџад

https://p.dw.com/p/Adt0
Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад
Иранскиот претседател Махмуд АхмадинеџадФотографија: AP

4 денови по истекот на ултиматумот на ОН и извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија, спорот околу атомската програма на Иран оди кон натамошно заострување. На американските закани дека сите опции, па и воена, се отворени, од иранска страна е одговорено дека нема да биде запрена реализацијата на атомската програма. Но, на обете страни има и поумерени тонови.

Во Иран, на пример, актуелниот и претходниот претседател користат различен речник кога зборуваат за кризата. Исламската република ќе продолжи да ја спроведува својата атомска програма. “Ги фрливме кочниците од нашиот атомски воз” – буквално рече вчера иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад.

Неговиот претходник на таа функција, Али Акбар Хашеми Рафсанџани, не е толку бескомпромисен: и тој се залага да продолжи реализацијата на атомската програма, но одвраќа од курс на конфронтација со Западот: “Ви велам вам на Западот сосем јасно дека со резолуции не можете ништо да постигнете. Со тоа создавате само проблеми за вас самите, за светот и посебно за нашиот регион. Вистински пат е да престанете со тоа бесмислено постапување”.

Главниот преговарач од иранска страна Али Лариџани исто така смета дека со резолуции нема да биде запрена атомската програма, но тој и натаму полага врз дипломатијата: “Иранската атомска програма во суштина не е толку компликувана, за да не може да се реши. За тоа има два пата: може да се оди на ескалација, што не би го решило самиот проблем, туку би предизвикало и натамошни придружни проблеми, од што би страдале обете страни”.

Од Иран, во секој случај, е порачано дека се добро подготвени за можен американски напад. Израелски весници, пак, пишуваат дека тамошните политичари посакуваат воздушен коридор во Ирак, за по потреба да можат да ги бомбардираат иранските атомски постројки. Влијателни исламски држави, меѓу нив и Саудиска Арабија и Египет предупредија од натамошна ескалација на конфликтот и побараа дипломатско решение. Денеска во Лондон петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН и Германија ќе одржат консултации околу можните натамошни санкции против Иран.