1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран не е задоволен од разговорите за атомската програма

ЕМФ/дпа/ртр24 мај 2012

Разговорите околу иранската атомска програма денеска (24.05) би требало да продолжат, иако според информации од Багдад, тие се одвиваат тешко.

https://p.dw.com/p/151ND
Фотографија: irna

Иранските преговарачи не се задоволни со текот на преговорите во Багдад. „Предлозите не содржат ништо ново, неодмерени се и не се корисни“, пренесува иранската државна агенција Ирна изјави од кругови блиски на иранските преговарачи. Претставниците на петте земји со право на вето во ОН и Германија на маса за преговори ставија предлог со кој Иран би требало да се откаже од контроверзното облагородување ураниум на 20 проценти. Висок американски претставник по вчерашната рунда разговори изјави дека средбата покажала и разлики, но и согласност за некои прашања. Сепак, дипломатите предупредуваат дека двете страни во разговорите се далеку од пробив.

Разговорите треба да придонесат за решение на конфликтот кој трае со години. Западот се сомнева дека Иран работи на создавање атомско оружје, но Техеран тоа го демантира. Иран се надева дека со успешен тек на разгворите ќе бидат олабавени санкциите врз земјата. САД, Русија, Кина, Франција, Велика Британија и Германија сакаат да спречат облагородување на ураниум на повисок процент. Ова е втора средба откако преговорите во април беа продолжени по 15-месечен прекин.