1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран и МААЕ на преговори во Техеран

ЕМФ/афп/ртр/дв11 ноември 2013

Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Јукија Амано денеска (11.11) пристигна на разговори во Техеран околу спорната атомска програма на Иран. МААЕ сака да го финализира техничкиот договор со Техеран

https://p.dw.com/p/1AFA3
Фотографија: AP

„Навистина се надевам дека денеска ќе постигнеме конкретни резултати“, изјави шефот на МААЕ, Јукија Амано, пред средбата со шефот на иранските атомски власти, Али Акбар Салехи. МААЕ е одлучна „да ги расчисти сите отворени прашања за да се осигура дека иранската атомска програма има исклучиво мирнодопски цели“, изјави Амано (на фотографијата) за телевизијата Прес ТВ.

Иран во октомври даде нов предлог кој, според Амано, содржи „практични мерки за зајакнување на соработката и дијалогот“. МААЕ спроведува контроли во Иран редовно, но бара поголеми овластувања, како што е на пример пристап до воената база Парчин, југоисточно од Техеран. МААЕ сака да ги провери обвинувањата според кои Иран до 2003 година, а можеби и потоа, работел тајно на програма за атомско оружје. Техеран категорично ги демантира ваквите обвинувања.

Вчера на преговорите за спорната атомска програма на Техеран, што се водеа во Женева меѓу петте земји-постојани членки на Советот за безбедност на ОН и Германија од една и Иран од друга страна, и покрај почетниот оптимизам не беше постигнат договор. По завршувањето на состанокот, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон најави дека разговорите за спорната иранска нуклеарна програма ќе продолжат на 20. ноември. „Остварени се конкретни резултати, но некои прашања остануваат да се разјаснат“, изјави таа. „Наша цел е да се дојде до заклучок и ние ќе се вратиме тоа и да го направиме“, додаде Ештон.

Американскиот министер за надворешни работи Џон Кери денеска изјави дека се надева оти договор со Иран ќе биде постигнат во рок од неколку месеци. Кери рече дека е убеден оти таквиот договор ќе го штити Израел.