1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран го менува ставот

3 февруари 2010

Иран сигнализира можна промена на ставот околу неговата атомска програма. Претседателот Махмуд Ахмадинеџад изјави дека Техеран би бил подготвен да го испорачува уранот на облагородување во странство, како што бараат ОН.

https://p.dw.com/p/LqGF
Махмуд АхмадинеџадФотографија: ISNA

„Немам проблем со тоа да испраќам уран на облагородување во странство. Сакам конструктивна соработка“, порача во интервју за иранската државна телевизија претседателот Махмуд Ахмадинеџад. Тој појасни дека Иран може да се согласи ниско облагородениот уран да го испраќа во некоја западна земја и неколку месеци подоцна да го добие назад облагороден за натамошни 20%.

Натамошни детали за можната отстапка на иранското раководство не се познати. Ахмадинеџад спомна рок од четири - пет месеци за враќање на облагородениот уран, а предлогот на меѓународната заедница е тоа да се случува по една година. Така обработениот уран би можел да се користи за цивилна употреба, но не би можел да се вгради во атомска бомба. Освен тоа, Ахмадинеџад не рече ништо дали Иран би бил подготвен да го испраќа во странство целото количество уран со кое располага, како што тоа го бара Западот.

Iran Atom 5+1 Symbol
САД воздржани, а другите земји кои учествуваат во меѓународните преговори со Иран не даваат изјавиФотографија: ISNA^

Воздржани реакции на западот

Од Белата куќа дојде воздржана реакција. „САД му поднесоа на Иран фер и урамнотежен предлог“, порача портпаролот Мајк Хамер. „Доколку изјавите на господинот Ахмадинеџад значат промена на позицијата на Иран, тогаш очекуваме тој да ја информира Меѓународната агенција за атомска енергија“, нагласи портпаролот на Белата куќа. Министерствата за надворешни работи на Германија, Франција и Велика Британија, кои учествуваат во меѓународните преговори со Иран, засега не сакаат да дадат никакви изјави во врска со интервјуто на иранскиот претседател.

Западните земји неодамна најавија натамошно заострување на меѓународните санкции против Иран, доколку не го смени ставот и не ги прифати барањата на ОН. Западните земји се сомневаат дека атомската програма на Иран ќе служи само за цивилна употреба, како што тврди официјален Техеран и претпоставуваат дека земјата работи на создавање атомска бомба, што би било сериозно загрозување на стабилноста во целиот регион на Блискиот исток.

Автор: Тим Јаншчки / апн / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска