1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран го крена светот на нозе

9 февруари 2010

Иран почна со облагородување на ураниум до 20 проценти. Експертите стравуваат дека сега ништо не може да го спречи Техеран да продолжи со облагородување до 93 проценти, колку што е потребно за градење атомска бомба.

https://p.dw.com/p/Lx9F
Махуд Ахмадинеџад не отстапува од тврдиот ставФотографија: AP

Откако на викендот стана јасно дека се уништени последните надежи за постигнување компромис со Иран околу неговата спорна атомска програма, иранската Организација за атомска енергија издаде наредба за почеток на процесот на облагородување на ураниум.

„Можевме да почнеме со облагородување ураниум до дваесет проценти, но девет месеци се воздржувавме од тоа, бидејќи сакавме да оставиме простор за постигнување некаков вид меѓународна соработка во рамките на Меѓународната агенција за атомска енергија, надевајќи се дека ќе отвориме ново поглавје на соработка, наместо на конфронтација. Но сега, откако бевме разочарани, се разбира дека се одлучивме за другата опција“, истакна иранскиот претставник во Меѓународната агенција за атомска енергија, Али Асгар Солтание.

Шефот на иранската Организација за атомска енергија, пак, Али Акбар Салехи, додаде дека Техеран ќе престане со процесот на облагородување на ураниум во моментот кога меѓународната заедница ќе ги прифати условите на Иран.

Експертите стравуваат дека штом Техеран почна со облагородување на ураниумот до дваесет проценти, ништо нема да го спречи да продолжи со збогатување до 93 проценти, колку што се потребни за нуклеарното оружје, бидејќи технологијата што се применува е иста.

Санкциите за Иран се` поизвесни

Ова беше доволна причина да се вклучи алармот кај западните сили. Први се огласија САД, преку портпаролот на министерот за одбрана, Роберт Гејтс, кој во моментов се наоѓа во посета на Франција. Според него, Вашингтон ќе побара од ОН донесување нови, построги санкции против Иран и тоа во рок од неколку недели.

Flash-Galerie Iran Natanz
Постројката во Натанц, каде се извршува облагородувањетоФотографија: AP

Осуди стигнаа и од долгогодишниот сојузник на Иран, Русија. Според Москва, ова ги подгрева „сомнежите“ околу вистинските намери на иранската нуклеарна програма. „Иран тврди дека не се обидува да изгради атомска бомба, меѓутоа со облагородувањето ураниум до 20 проценти ги зголемува сомнежите кај другите држави, а овие сомнежи не се сосема неосновани“, истакна Николаи Петрушев, генерален секретар на рускиот Национален совет за безбедност.

Загриженост искажа и Израел. Премиерот Бенјамин Нетанјаху побара „остри санкции“ против режимот во Техеран.

„Иран со брзо темпо се движи кон производство на нуклеарно оружје, за инает на меѓународната заедница. Затоа таа треба да реши дали е сериозна во намерите да ја неутрализира оваа закана за Израел, за регионот и за целиот свет“, истакна Нетанјаху.

Со санкции се закани и германскиот министер за надворешни работи, Гидо Вестервеле. „Ако Иран и понатаму одбива да преговара, тогаш неизбежно е да се преговара во рамки на ОН за нови санкции“ подвлече Вестервеле.

Инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија беа присутни во Иран, со цел да го набљудуваат процесот на облагородувањето на ураниумот и наскоро ќе поднесат извештај за тоа, потврди портпарол на Агенцијата во Виена. Иран веќе неколку години го извршува процесот на облагородување ураниум во атомската постројка во градот Натанц и покрај тоа што ОН веќе трипати интервенираа со се’ поостри санкции против Техеран.

Автор: Т.Т./Г.Ч./афпе/ап/дв

Редактор:Жана Ацеска