Иран: Водство на умерениот Рохани
15 јуни 2013Хасан Рохани (на фотографијата горе), кој ја има поддршката на умерените сили и на реформаторите во Иран, е во големо водство. Според прогнозите објавени од страна на новинската агенција Ирин, тој со 52,1% гласови дури би можел да го освои и апсолутното мнозинство. Според други прогнози, Рохани има освоено 50,1% гласови. На второ место е конзервативниот градоначалник на Техеран, Мохамед Галибаф, кој има речиси 17% гласови, а зад него следи „хардлајнерот“ Саид Џалили со речиси 13%.
Избирачките места, 66.000 на број, беа затворени дури доцна во ноќта. По наредба на Министерството за внатрешни работи во Техеран тие беа отворени 5 часа подолго од предвиденото. Иранските медиуми јавуваат дека одзивот на изборачите е поголем од 70%.
Хасан Рохани со години беше претседател на Националниот совет за безбедност. Во таа функција тој беше главен преговарач во спорот околу иранската атомска програма и се согласи со тоа Иран да престане да облагородува ураниум извесно време. Рохани се залага за приближување на Иран до Западот и бара повеќе цивилни слободи за граѓаните на земјата.
Додека го даваше својот глас, Рохани изјави: „Ми беше обврска да се кандидирам. Се‘ останато е во рацете на луѓето. Тие со својот глас ќе одлучат кој е вистинскиот.“
Конзервативците си ги „крадат“ гласовите
Второпласиран, според досега пребројаните гласови, е Мохамед Бакир Галибаф, поранешен командант на воената авијација. Тој меѓу ултраконзервативните кандидати важи за технократски прагматичар. Галибаф, Али Акбар Велајати и Саид Џалили беа тројца кандидати со ист профил и најверојатно ги поделија меѓусебно гласовите на избирачите.
Иранскиот главен преговарач во атомскиот спор, Саид Џалили, независно од исходот на гласањето, оцени дека изборите се успешни: „Денеска нашиот народ на остатокот од светот му го покажа републиканскиот дух на нашето раководство и покажа дека го поддржува исламот.“
Доколку ниту еден од кандидатите не успее во првиот круг да добие апсолутно мнозинство, ќе се одржи и втор круг гласање, наредниот петок, а во трка ќе бидат двајцата кандидати со најмногу освоени гласови.