1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ирански претседател во Египет по 30 години

AT/ ап5 февруари 2013

За првпат по 1979 година еден ирански претседател е во посета на Египет. За време на тридневната посета претседателот Ахмадинеџад ќе учествува на Самитот на Организацијата на исламските држави.

https://p.dw.com/p/17YOG
Фотографија: picture-alliance/dpa

Како прв ирански претседател по Исламската револуција од 1979 година Махмуд Ахмадинеџад е во посета на Египет. Домаќинот, египетскиот претседател Мохамед Мурси го пречека на аеродромот во Каиро. Главна тема на нивниот разговор беше ситуацијата во Сирија, се вели од безбедносни кругови. Повод за тридневната посета е Самитот на Организацијата на исламските држави, кој утре и во четврток се одржува во Каиро.

Иран е најважниот сојузник на Сирија под раководство на претседателот Башар ел Асад. Египетската влада напротив застана на страната на оние кои бараат оставка на Асад. Во септември минатата година Мурси и понуди на владата во Техеран пакет понуди во случај Техеран да се откаже од поддршката за Асад. Со пакетот се предивдуваше и повторно воспоставување на дипломатски односи.

Во другите сунитски држави во Заливот со загриженост се гледа на приближувањето на Египет и Иран. Тие го обвинуваат Техеран дека го поддржува шиитското малцинство во нивните земји. Египетскиот министер за надворешни работи Мохамед Амр Камел денеска изјави дека „односите на Египет кон Иран никогаш нема да бидат на сметка на останатите држави од Персискиот залив“.

За време на владеењето на блискиот сојузник на САД Хосни Мубарак, кој беше соборен за време на „Арапската пролет“ во 2011 година, посета на ирански претседател на Каиро речиси беше незамислива.