1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ирански демонстранти упаднаа во британската амбасада

29 ноември 2011

Ирански демонстранти денеска во Техеран упаднаа во зградата на британската амбасада, при што извршиле грабеж, го отстраниле и запалиле британското знаме. Британската влада реагира со огорчување.

https://p.dw.com/p/13J8m
Фотографија: dapd

Иранската државна телевизија прикажа како демонстрантите ги кршат стаклата на прозорците со фрлање камења. Еден демонстрант беше снимен како го зема портретот на британската кралица Елизабета втора.

Иранската новинска агенција Мехр јави дека по симнувањето на британското знаме демонстрантите на јарболот го истакнале знамето на Иран. Според агенцијата Франс прес, за време на упадот на демонстрантите во британската амбасада, во близината биле распоредена и полицијата со опрема за разбивање на демонстранти, но не реагирала и мирно ги следела збиднувањата.

Мотив за ваквиот упад е незадоволството од новите санкции кои што Велика Британија му ги воведе на Иран заради спорната нуклеарна програма.

Парламентот во Техеран во понеделникот донесе одлука за протерување на британскиот амбасадор од земјата во рок од две недели и отповикување на иранскиот амбасадор од Лондон.

Британското министерство за надворешни работи упадот во британската амбасада го оцени за неприфатлив. Техеран има обврска според меѓународното право да врши заштита на амбасадите и дипломатите, се вели од Лондон.

САД со години немаат амбасада во Иран, по заложничката драма што се случи во 1979 година во американската амбасада во Техеран.

Автор: ЖА/ГЧ/дпа

Редактор: Ж.Ацеска