1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иранката Аштиани ги обвини германските новинари

2 јануари 2011

Иранката осудена на смрт со каменување поради брачно неверство и убиство на сопругот, Сакине Мохамади Аштиани сака да ги тужи двајцата германски новинари на весникот „Билд ам Зонтаг“.

https://p.dw.com/p/zsbv
Сакине Мохамади АштианиФотографија: rowzane.com

Сакине Мохамади Аштиани смееше да го напушти затворот на неколку часа и времето го искористи за ручек со синот Сјад Гадерзадех и за да ги соопшти обвинувањата на сметка на германските новинари кои правеа интервју со Гадерзадех и сега и самите се во затвор.

„Двајцата германски новинари ја повредија мојата чест. Зошто дојдоа? Зошто само дојдоа?“, праша Аштиани.

Претходно, нејзиниот син првпат се појави пред новинарите од светски медиуми. Сето тоа беше организирано од страна на локалните судски власти во Тебрис. Пред камерите тој замоли за милост за неговата мајка:

„Мајка ми сигурно е виновна, но одлуката за нејзината судбина ја имаат претставниците на властите во земјата. Тие можат да ја променат одлуката за каменување со некоја друга казна.“

Deutscher Reporter im Iran inhaftiert
Еден од двајцата уапсени новинариФотографија: picture alliance / dpa

Иранската агенција Фарс денеска јави дека претставници на иранското правосудство ја оставиле отворена опцијата за преиначување на смртната казна.

Апел од германски јавни личности

Судбината на двајцата германски новинари кои се затворени во Иран се‘ уште е непозната. Тие во вторникот (28.12.10) имаа првпат средба со своите роднини, средба организирана од страна на иранската влада. Сепак, надежта дека двајцата набргу ќе бидат ослободени, по најновиот настап на Аштиани спласна. Новинарите се обвинети дека немале акредитација за Иран и дека влегле само со туиристичка виза. Германското министерство за надворешни работи денеска соопшти дека целта останува враќање на двајцата германски државјани дома, најбргу што е можно. Од дипломатски кругови, по најновите изјави на Аштиани, се вели дека „за жал, не е невообичаено луѓето во Иран да бидат принудени да даваат изјави“. Во весникот „Билд ам Зонтаг“ денеска 100 јавни личности од политиката, стопанството, културата и спортот апелираат до Иран да ги ослободи новинарите.

Автор: ЕМФ/ЖА/дв/дапд/афп/ап

Редактор: Жана Ацеска