1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ирак им ја одзеде лиценцата на десет арапски медиуми

ЕМФ/дв28 април 2013

Владата во Багдад им ја одзеде лиценцата за работа на десет арaпски медиуми, меѓу нив и на Ал Џазира. Медиумите се обвинети дека ширеле неточни информации за најновите немири во Ирак.

https://p.dw.com/p/18Oci
Фотографија: AP

Надлежните ирачки власти за медиуми и комуникации соопштија дека десет арапски сателитски медиуми веќе не смеат да работат во Ирак поради нивните извештаи за немирите во земјата. Нив им е одземена лиценцата за работа. Од најновиот обид за уште поголемо ограничување на слободата на печат во Ирак, меѓу другите, е погодена и Ал Џазира (на фотографијата е прикажано логото на Ал Џазира). Владата во Багдад ги обвинува медиумите дека со погрешни информации за ситуацијата во Ирак натамошно ја заострувале состојбата и придонесувале за поделба на земјата.

Најголемиот дел од медиумите кои останаа без лиценца се про-сунитски ориентирани и отворено ја критикуваат владата во Багдад, во која доминираат шиитите. Ал Џазира е од сунитски Катар и се смета за најважен медиум во арапскиот свет. Одземањето на лиценцата за работа досега не ја коментираше ниту еден од погодените медиуми.

Во Ирак одамна има борба за превласт меѓу сунитите и шиитите. Сунитите со месеци демонстрираат против владата на шиитскиот премиер Нури ал-Малики и бараат негова оставка. Ал Малики пред три дена (25.04) предупреди на опасноста од граѓанска војна во Ирак.