200709 Irak Wirtschaftsentwicklung
21 јули 2009Повеќето ирачки експерти за економски прашања се сложуваат во проценката дека домашното стопанство се наоѓа во многу лоша состојба. Тие се прилично согласни и околу причините за таквата состојба: тешкото наследство од претходниот режим на Садам Хусеин! Под негово владеење Ирак водеше дури четири војни за само 30 години, а освен тоа цели 13 години беше под меѓународни санкции. Тоа остави длабоки траги врз стопанството. Ирачкиот бизнисмен и член на управниот одбор на Здружението на стопанствениците, Мохамад Шакер Ал Делаими, вака ја опишува состојбата: „Економијата функционира само во некои сектори. При тоа индустрискиот сектор е потполно разурнат по војната.“
Долг список проблеми
Цели шест години по инвазијата на Американците снабдувањето со електрична енергија се’ уште не потполно воспоставено. А без електрична енергија не може да работи ниту едно претпријатие. Освен тоа, голем број државни претпријатија не се конкурентно способни. Владата има големи проблеми и со нивната приватизација. Зашто, кој инвеститор ќе покаже интерес за претпријатие коешто вработува 3.000 лица, а реално за производството се потребни не повеќе од 600.
Високата стапка на невработеност е следниот проблем на ирачката економија, објаснува економистот д-р Саад Ал Хајали, кој со години живее и работи во Келн: „Што се однесува до бројот невработени, министерството за труд зборува за 1,5 милиони лица.“ Но, експертите проценуваат дека реалната бројка е далеку поголема. Новата влада создаде и социјален систем за да се справи со последиците од невработеноста и сиромаштијата, но тој ни од далеку не е во состојба да ги задоволи потребите: „Посочувам на тоа што 23% од Ирачаните живеат под границата на сиромаштијата, а тоа значи дека заработуваат помалку од 60 долари месечно.“
Ништо не оди без нафтата
Сериозен проблем на ирачкото стопанство е и фактот што тоа има едностран извор на финансирање. Целото производство е потполно зависно од приходите од нафта: „Околу 80% од приходите од нафтата се трошат за плати на државните службеници во армијата и полицијата. А само 20 проценти се вложуваат во економскиот развој.“
Но, не е се’ така црно на ирачкото стопанско небо: две гранки доживуваат вистински бум. Една е религиозниот туризам, а другата градежништвото. Првата се должи на соборувањето на диктаторот Садам Хусеин, што ја отвори можноста милиони шиитски аџии да патуваат слободно во светите градови Кербела и Наџаф. „Религиозниот туризам е вистински златен рудник за Ирак. Проширувањето на овој сектор носи големи придобивки за целото стопанство, но има секако и негативни аспекти.“
Во изминатите три години никнаа преку 500 нови хотели во двата свети града на шиитите, со тоа се отворија и голем број нови работни места. Но, затоа цените на земјиштето доживеаа драматичен пораст. Порано една куќа во близината на Кербела чинеше околу 20.000 долари. Сега сличен објект чини преку два милиони долари.
А втората гранка, градежништвото, цути поради уривањето на голем број зданија во текот на војната. Станбените објекти се дефицитарни во Ирак: „На Ирак му требаат околу 3,5 милиони нови станови. Од тоа, приватни инвеститори треба да покријат 80% од потребите“, појаснува бизнисменот, Мохамад Шакер Ал Делаими.
Неопходни 20 мирни години
Сето тоа зависи од два фактора: едниот е политичката стабилност во земјата, бидејќи странските инвеститори бараат безбедни рамковни услови. А вториот е стабилна цена на нафтата на светските пазари. Петогодишниот план на новата влада во Багдад се потпира врз прогнозата дека цената ќе се движи околу 58 долари за барел. И доколку се’ се одвива како што треба, тогаш на ирачкото стопанство ќе му требаат уште 20 години мир и стабилност, за да застане на стабилни нозе - проценуваат ирачките експерти.
Автор: Хасан Хусаин / Горан Чутаноски
Редактор: Александра Трајковска