1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ирак го очекува германското стопанство

19 јануари 2005

Економската обнова во Ирак тапка во место. Најголемиот број странски фирми поради безбедносната ситуација, ги повлекоа своите соработници. Сепак, германските претставници во регионот велат: оној што подоцна сака да го искористи огромниот потенцијал на земјата, уште сега мора да се позиционира. Притоа, токму Германците имаат шанса, зашто Американците се се понесакани:

https://p.dw.com/p/AePX

Не страхуваат само ирачките политичари и американските стратези од 30 јануари, денот на изборите во Ирак, туку и Германецот, Рајнхард Афеман. Тој е координтаор на германско-ирачките економски контакти. Во моментов обновата во Ирак е во застој, зашто се закануваат напади и грабнувања заложници, па германските фирми главно ги повлекоа своите соработници. Изборите треба да обезбедат промена:

“Сигурно дека тоа ќе биде сигнал на кој чека и германското стопанство. Изборите и нивниот исход се важен сигнал за обновата на земјата и за соработката со германското стопанство“.

И покрај актуелните опасности, во Ирак се активни Јапонците, Италијанците или Французите и се обидуваат да обезбедат договори за во иднина. Германците, вели Афеман, со месеци се претпазливи. Тие се ограничуваат на преддоговори што се склучуваат во главниот град на Јордан, Аман:

“Во моментов Аман е центарот за зделки меѓу Германија и Ирак. Овде се среќаваме во сигурен амбиент што значи: Ирачаните можат лесно да минат преку границата, а Германците во Јордан се чувствуваат доволно безбедно”.

Всушност, најголемиот број големи германски фирми се заинтересирани за Ирак, но сите се повлекоа, дали Сименс или телефонските фирми, или Луфтханза. За средните фирми Афеман гледа шанса пред се во инфраструктурата, во изградбата на патишта и желзеницата, во снабдувањето со вода и струја. И нафтениот сектор е отворен за Германците, вели Афеман:

"Во некои случаи дури ќе ни биде кажано од ирачка страна дека сакаат Германци. Затоа мораме да се обидеме германските фирми специјализирани на тоа подрачје уште сега да покажат готовност и да се најдат во Ирак“.

Атмосферата во Ирак се насочи против Американците и од тоа може да профитира германското стопанство, смета Афеман. Тој вели дека Ирак во многу подрачја ја очекува Германија чии производи од порано беа многу ценети. Дали е можна преселба во Багдад уште во оваа година:

“Желба е таму да се формира дом на германското стопанство или слично и да се упати сигнал дека ние Германците сакаме да учествуваме во обновата. Тоа го очекуваат и Ирачаните: видлив и достижен сигнал, а тоа значи Германците да се таму присутни“.