1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ирак воздржан за Иран

28 јуни 2009

Западните земји со се’ појасни зборови ги осудуваат акциите на властите во Иран и бараат изборите да бидат анулирани. Но, како реагираат непосредните соседи на ситуацијата во Иран?

https://p.dw.com/p/IbDV
ИранФотографија: AP

„Се’ додека во Иран има немири, ние не сме во центарот на вниманието - и тоа е добро.“ Парламентарката од Багдад, која неодамна ги кажа овие зборови, сака да остане анонимна. Таа е еден од многуте ирачки политичари, кои официјално не сакаат да зборуваат за кризата во Иран. Наводно, ирачкиот претседател Џалал Талабани му честитал на иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад. Министерот за надворешни работи Хошјар Зебари неодама за една новинска агенција изјавил дека во Ирак се респектира политичкиот систем на соседот и дека не е во состојба да даде оценка за оспоруваните избори.

Iran Kombo Ahmadinedschad Chamenei und Dschannati
Избори во ИранФотографија: AP Graphics/DW

Контактите, кои одредени ирачки политичари ги оддржуваат со Техеран се многуслојни: некои шиити во Багдад се блиски до иранското раководство и повремено добиваат финансиски средства од него. Овие политичари нема јавно да се произнесат за проблемите на политичките и религиозни власти од другата страна на границата. Другите, сунитските Арапи му префрлуваат на премиерот Нури Ал Малики дека само ги исполнувал барањата на Техеран.

Но, токму овие сунитско-арапски Ирачани, се оние кои во моментов не го подигаат гласот против внатре иранскиот конфликт: се ’ додека Ахмадинеџад и оџите се зафатени, најверојатно нема да ги поддржуваат командосите, кои убиваат сунити, тоа е нивната логика.

Курдите во Ирак се воздржани

Курдите, пак, во Ирак во моментов се зафатени со изборна кампања. Но, и без тоа тие се воздржани. Тие го постигнаа во Ирак она, за што Курдите во Иран може само да сонуваат, имено автономија. Доколку тие би им ја држеле страната на браќата и сестрите во ирански Курдистан и јавно би ги поддржувале, тоа би било сигурно опасно. Најголемата иранско - курдистанска опозициона партија е подземна организација во Иран. Но затоа има канцеларија во главниот град на ирачките Курди, Ербил.

И покрај малкуте вести, што во моментов излегуваат од Иран, од таму се вели дека во пограничните места со Ирак, каде најчесто живеат иранските Курди претежно е мирно. Претставникот на Курдската демократска партија на Иран, Тахи Махмоди во Ербил вели: „Во Курдистан нема демонстрации. Ние и другите партии во Курдистан повикавме на бојкот на изборите. Секој глас ќе беше глас за системот. Затоа Курдите не излегоа на избори.“

Мнозинството курди во Иран не излегоа на гласање

На изборите во Иран излегоа најмногу една третина од тамошните Курди и тоа оние кои работат во владата или се службеници. Но, поголемиот дел од околу четири и пол милиони Курди во Иран, според Махмоди, воопшто не се интересираа за Ахмадинеџад и другите тројца канидати за иден претседател. „Нам не ни е битно дали Ахмадинеџад или Мусави ќе дојде на власт. Ние се бориме за слобода и за демократија во Иран. Борбата на Курдите за слобода не почна со создавањето на Исламската Република и нема да заврши со нејзиното уривање. Ние се боревме и против иранскиот Шах и против режимот на Хомеини. Денес бараме реализирање на демократијата и федерално уредување во Иран.“

Iran Wahlen 2009
Избори во ИранФотографија: DW

Махмоди ја исклучува можноста, дека ќе дојде до демонстрации и во ирански Курдистан и дека неговата партија ќе се вмеша во конфликтот. „Ако во Техеран ги претепуваат демонстраните со палки, тогаш во ирански Курдистан едноставно стрелаат во нив. Во последните години повеќе пати покажаа дека немаат милост. Тие убиваат дури и обични луѓе, а сигурно нема да се воздрат од убивање опозицонери“ - појаснува Махмоди и додадава: не можеме да преземеме одговорност за никакво крвопролевање, се’ додека немаме одговор на тоа што ќе произлезе од тоа. Воздржаност на претставникот на Курдската демократска партија на Иран, Тахи Махмоди, го отсликува впрочем севкупното расположение во Ирак.

Автор: Бјерн Блашке / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска