1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интернет-прошетка низ германската култура

23 април 2010

Германската дигитална библиотека сака да го спаси германското културно богатство од заборав и да го направи достапно за сите корисници. Делата од околу 13 илјади културни институции наскоро ќе се најдат на интернет.

https://p.dw.com/p/Mcrr
Оригинален запис од Гете, наскоро достапен преку интернетФотографија: AP

Во Германската национална библиотека (ДНБ) во Франкфурт се‘ уште има посетители кои вредно истражуваат пишани документи во потрага по бараните информации. Но, ова наскоро може да се промени. Во ерата на дигитален свет, се‘ повеќе луѓе информациите ги бараат исклучиво преку интернет.

Тоа ја загрижува Уте Швенс, директорката на Германската национална библиотека. Таа стравува од моментот кога веќе никој нема да доаѓа да прелистува стари книги, па луѓето нема ни да се сеќаваат на пишаното културно наследство. Заради тоа, заедно со уште 13 големи културни установи покрена иницијатива за проектот „Германска дигитална библиотека“, ДДБ.

Поврзување на сите културни драгоцености

Германската дигитална библиотека би требало да му овозможи трајно присуство на интернет на германското културно богатство. Работната група планира покренување заеднички портал на интернет, преку кој многу брзо и едноставно може да се дојде до севкупните културни драгоцености. ДДБ би требало да ги поврзе сите подрачја на културното делување. Таму би требало да се најдат и книги, музика, портрети, скулптури, планирана е огромна база на онлајн податоци, која на сите би им била на располагање. Материјали има во изобилство. Во проектот се вклучени околу 13 илјади германски културни институции, од музеи, преку архиви, па се‘ до филмски институти.

Porträt Schwens
Уте ШвенсФотографија: Deutsche Nationalbibliothek

Кога некој корисник преку пребарувачот ќе го уфрли поимот Бетовен на пример, како резултат ќе добие снимки, ноти и документарни филмови за познатиот германски композитор. Кога корисникот ќе кликне на оригиналната партитура, линкот ќе го префрли на почетната страница на Бетовеновата куќа во Бон, каде на мир може да ги прелистува манускриптите на композиторот.

Можност за културни патувања

Goethe und Schiller - Denkmal in Weimar
Гете и Шилер, споменик во ВајмарФотографија: picture-alliance / dpa

Со уште неколку технички детали, новиот портал би требало јасно да се диференцира од постојните интернет пребарувачи. Во скора иднина на порталот би можеле да се планираат и културни патувања. На пример, по трагите на Шилер или Гете, и на тој пат да се намине во Шилеровиот музеј во Марбах или да се најде планот на изведба на Шилеровите дела во германските театри. Или пак можеби да се стигне до некој колекционер, кој веќе 30 години собира поштенски марки со ликот на познатиот автор.

Вклучување на приватните корисници

Во не толку далечна иднина, се надеваат одговорните од Германската дигитална библиотека, во собирањето на културното богатство на едно место би требало да помогнат и приватните корисници. Томас Тиквински, соработник на Фрауенхофер институтот во Сент Аугустин во Бон ја објаснува идејата: „Оној кој дома на пример има нумизматичка збирка или вредни манускрипти или уметнички дела, би можел преку интернет да ги стави на располагање на заинтересираната јавност.“

Со новиот дигитален проект Германската дигитална библиотека, не само што се има цел да се спаси германското културно богатство од заборав, туку Германците со овој прокет на цел свет сакаат да му покажат како би можел да изгледа или како изгледа културниот ангажман во денешниот свет со кој доминира интернетот.

Автор: Петeр Клаjбер/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска