1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интернетот огледало на општеството

5 ноември 2010

Зад плаштот на анонимноста на интернетот, во Македонија се’ почести се разните форми на говор на омраза па дури и повиците за насилство. Поделбата на македонското општество и нетолерантноста стануваат се’ поизразени.

https://p.dw.com/p/PwMt
Фотографија: dpa

Говорот на омраза не значи слобода на изразување, но ова право се’ почесто се злоупотребува, а најатрактивно место за тоа во последно време е интернетот. Овој медиум кој овозможува во јавноста анонимно да се пласира одреден став се покажа најпогоден за говорот на омраза. Луѓето кои работат на интернет се сведоци на секојдневни навреди, етикетирања па дури и повици за насилство и сето тоа во енормни количини.

Сашо Мацановски Трендо е уредник на интернет страницата „Он.нет“ и основач на блог платформата „Блогерај“. Вели дека тоа што се случува на блог платформите и интернет форумите е огледало на македонското општество. „Линиите на препукувања и навреди се сведуваат на она што го имаме наоколу. Но, блог заедницата стануваа похрабра оти корисниците мислат дека се анонимни па судирите се пожестоки. Генерално доминантна тема е политиката и тоа на најглупата линија на партиски препукувања и второ е препукувањето на национална основа“.

Weltinformationsgipfel Tunis Internetcafé in Frankfurt
Фотографија: AP

Интернет страница „А1. ком. мк“ дневно добива над илјада коментари. Веб новинарот Дамјан Варошлија вели дека е потребно трпение и силен стомак да се прочитаат сите гадости кои стасуваат и да се селектираат пораките кои можат да бидат објавени. Условот е да не содржат навреда, а најжешка тема е политиката. „70 проценти се вулгарни, се споменуваат пцости на национална, верска основа и ние тоа го селектираме.“

Поранешната колумнистка на весникот „Дневник“ Ирена Цветковиќ беше жртва на организиран говор на омраза. Фејсбук група ја навредуваше, а потоа повикуваше да се линчува колумнистката. „Не се исплашив ниту се навредив. За мене беше алармантно, што толкав број на луѓе сметаат дека е предавство на државата ако некој се бори за човековите права,“ вели оваа активистката која ги штити интересите на маргинализираните групи.

Flash-Galerie Social Media
Фотографија: facebook.com

Коментарите на интернет форумите, јазикот со кој се служат блогерите, го одразуваат пулсот на општеството, вели Бојан Кордалов, специјалист за нови медиуми. Македонското општество, поделено по разни основи, е нетолерантно. „Ние го преслукуваме нашиот карактер, тоа кажува за нас како граѓани и како колектив. На кое ниво сме, на која свест сме доколку не знаеме со аргументи и факти да ги одбраниме нашите ставови, туку користиме говор на омраза кон секој што мисли поинаку.“

Интернет сферата во Македонија е регулирана со повеќе закони, а за говорот на омраза важат истите правила без разлика во која форма и каде е објавен.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска