1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интервенции во конфликти без мандат од ОН

Маркус Литке / Александар Методијев30 август 2013

Легитимност на меѓународна интервенција би можел да даде единствено Советот за безбедност на ОН. Кина и Русија, кои имаат право на вето, би блокирале резолуција за Сирија. Интервенции без мандат на ОН имало и порано.

https://p.dw.com/p/19YLh
Фотографија: Jay Directo/AFP/Getty Images

Ова не би бил првпат САД да спроведат воена акција без мандат од ОН. Поранешниот американски претседател Џорџ В. Буш во 2003 година го нарече сојузништвото на повеќе земји „Коалиција на согласните“. Под водство на САД и Велика Британија, Ирак беше ослободен од владеењето на Садам Хусеин.

Пред интервенцијата САД се обидоа да докажат дека во Ирак има оружје за масовно уништување. Поранешниот државен секретар Колин Пауел презентираше во ОН наводни докази за тоа. Германија, Франција и Русија имаа сериозни сомнежи за веродостојноста на доказите. „Едноставно не сум убеден“, рече тогаш германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер.

Sitzung UN-Sicherheitsrat Gewalt gegen Journalisten
Се заобиколува ли постојано Советот за безбедност?Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Гледано ретроспективно, неговата скепса се покажа како оправдана. Во меѓувреме јасно беше утврдено дека презентираните „докази“ се засновани на фалсификати. Колин Пауел ја призна оваа грешка и се повлече од политиката.

Споредување со Косово

Според Манфред Ајзеле, пензиониран генерал-мајор во Бундесверот, нападот врз Ирак не може да се споредува со ситуацијата во Сирија. Тој гледа паралели меѓу Сирија и војната на Косово во 1999 година.

Таму етничките албански востаници се бореа за независност на Косово од Србија. За време на конфликтот постојано се објавуваа извештаи за прекршување на човековите права и масакри од страна на српската армија на Косово. Русија во овој случај гласаше во Советот за безбедност на ОН, но против интервенција од страна на меѓународната заедница. На крајот НАТО одлучи да интервенира во конфликтот со воздушни напади, и тоа без мандат од ОН.

„Советот за безбедност тогаш сосема реалистично ја претстави состојбата на Косово, односно етничкото чистење“, смета Ајзеле. „Единственото нешто што недостасуваше беа консеквенци поради тоа, бидејќи Москва се закануваше со вето“, додава пензионираниот генерал-мајор. Потоа НАТО ги зема своите наоди за состојбата како легитимни за воена интервенција.

Manfred Eisele
Манфред АјзелеФотографија: Imago/Eibner

Слично како Ајзеле на ситуацијата гледа и Андреас Бок, политиколог на Универзитетот во Аугзбург.

„На Косово имаше јасни прекршувања на човековите права, со што можеше да се оправда интервенцијата“, вели политикологот Бок. Тој додава дека иако таа формално-правно не беше според меѓународното право, сепак постоела морална обврска нешто да се преземе.

Преседан од ваков вид – интервенција без мандат од ОН, но поради хуманитарни причини, имаше уште во 1990 година, преку трупите на Западноафриканската економска заедница ЕКОВАС. Тие, под раководство на Нигерија, извршија напади за време на граѓанската војна во Либерија.

„Светската јавност тогаш за ова не се интересираше толку многу, бидејќи тоа беше некаде во Африка“, смета Ајзеле. А, ситуацијата таму беше споредлива со онаа на Косово.

„Одговорност за заштита“

За меѓународната заедница да може да реагира во вакви ситуации, а без да биде попречена од ветото на некоја од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН, од 2001 година постои концептот наречен „Одговорност за заштита“ (Responsibility to Protect).

Andreas Bock
Андреас БокФотографија: privat

Тој беше инициран од страна на канадската влада, а разработен од комисија составена од експерти по меѓународно право. Според обој концепт, принциот за немешање во внатрешните работи престанува да важи кога ќе се појават тешки прекршувања на човековите права. Овој концепт не е пишано право.

Во актуелниот случај со Сирија, несомнено е дека Американците и Британците ќе се повикаат на овој концепт за „Одговорност за заштита“. На долг рок овој концепт би можел да биде внесен во меѓународното право и така да се создаде една нова правна легитимност.